Интервју со Бујар Османи: Непринципиелни барања од ЕУ може да влијаат на ентузијазмот за преговори


Фото: Б. Грданоски

Слободанка Јовановска

 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во интервју за „Независен“ најави дека ЕУ ќе ја објави преговарачката рамка за Македонија меѓу 9 и 10 јуни. Според него, ќе биде многу штетно за државата, среде пандемија и економска криза произлезена од неа, да се соочи и со политичка криза. Став на ДУИ е дека 5 јули е добар датум за избори, иако за нив е прифатлив секој датум „од денес до декември“ кога се редовните избори. Разликите меѓу партиите за датумот за одржување на изборите не се големи, вели Османи, и очекува да се најде заеднички јазик.

 

Ја очекувавте преговарачката рамка од ЕУ на 3 јуни. Останува ли тој датум и запознат ли сте веќе со нејзината содржина?

Објавувањето на преговарачката рамка најверојатно ќе се помести за неколку дена, меѓу 9 и 10 јуни. Добро е што рамката ќе се објави, бидејќи имаше различни најави поради пандемијата и други причини. Целиот пакет за проширување, всушност се одложи за септември, но сепак во јуни ќе има краток извештај кој ќе опфати дел од прогресот во овој период, заедно со мерките во делот на пандемијата и самата рамка.

Ние разговаравме со повеќе пријатели од земјите членки и од ЕК, паралелно одржавме внатре неколку координативни состаноци за да ги утврдиме нашите ставови, очекувања и проценки што е најдобро во однос на рамката, за потоа усогласени институционално да ги пренесеме до земјите членки и до Комисијата. Иако, реално, немаме многу можности да влијаеме, бидејќи рамката е нацрт-предлог на Комисијата, кој потоа оди низ филтрите на земјите членки и секоја од нив додава дел од своите национални позиции. Тоа што добив како уверување од високи преставници на ЕК е дека тие ќе направат максимални напори рамката да биде неутрална во однос на ставовите на земјите членки кон нас и дека повеќе ќе биде, всушност, запазување на основните принципи на ЕУ.

Јас лично не сум ја видел рамката, таа сѐ уште не циркулира, но по комуникацијата со земјите членки и преставници на ЕК отприлика знаеме што содржи. Најважно е дека таа ќе се објави, ќе влезе во процедура, земјите членки ќе ја разгледуваат и се надевам дека на наредниот самит во октомври ќе биде усвоена и ќе ја одржиме првата меѓувладина конференција – ако не се влоши пандемијата во летниот период и ако тоа не ги одложи роковите. Сега е најважно како ќе биде формулирана финалната верзија.

 

Рамката сепак ги содржи генералните принципи на преговорите, а посебно се утврдуваат условите за секое поглавје…

Да, но рамката ја дава структурата, волуменот и обемот на преговорите. Затоа, тоа е најважниот документ за нас што ги утврдува правците на преговорите. Тоа е, всушност, скалилото кое одредува колку скали треба да искачиме за да стигнеме до целта и како ќе бидат формулирани тие. Има разлика дали некое прашање ќе влезе како посебно поглавје или само во воведниот дел. Ние ги разгледавме сите варијанти и утврдивме која би била најдобра за нас. На нашите пријатели во земјите членки им укажавме дека не се плашиме од какви било критериуми за исполнување, напротив,  толку долго ги чекавме што сме ентузијасти да покажаме што можеме да испорачаме во делот на реформите. Тоа што не би сакале е да има непринципиелни барања и услови што можат да влијаат негативно на ентузијазмот уште на почетокот. Мислам дека има доволно време да се решат сите прашања, но тие треба да бидат формулирани во добра клима на односи.

 

Ќе останете ли вие преговарач или таа функција ќе се смени со смената на власта?

Одлука на нашата влада е СЕП во услови на преговори да се трансформира во Секретаријат за преговори. Всушност, тоа е улогата на секретаријатот, да ги води преговорите до членство. Не сите земји имаа ваква институција, некаде таа улога ја имаше МНР, некаде владата, премиерот… Ние имаме институција која покажа и квалитет, и резултат, и конзистентност во своето работење и има насобрано толку искуство што ниту една друга институција во државата не може да го има во делот на ЕУ-интеграцијата. Сметам дека е добро решението СЕП да е телото кое ги води преговорите. Важна е институцијата, иако е важна и личноста која ги води преговорите. Така што, СЕП, без оглед дали ќе биде министерство или друг орган, треба да биде телото што ќе ги води преговорите. Тој што ќе ја води оваа институција ќе ги води и преговорите.

 

Вие се откажавте?

Доколку сум тука по изборите, тоа значи дека ќе продолжам да ги водат преговорите. Многу е важна инклузивноста на процесот, односно да се подигне ова прашање како натпартиска агенда. Во една прилика кажав дека, да не беше пандемијата, прво нешто што би направил по одлуката за започнување преговори, е дека би побарал од претседателот на државата да свика лидерска средба само на оваа тема – постигнување консензус за евроинтеграцијата. Да си дадеме рака еден на друг дека оваа тема нема да ја користиме во нашите дневно-политички агенди и дека ќе работиме заедно. Ова прашање не завршува во рамки на еден мандат и ќе опфати секако неколку влади, неколку партии и мандати така што никој не може да има авторство на успешноста на овој процес. Ова е процес на државата и на граѓаните и мора така да се однесуваме. Јас ќе ја искористам оваа пригода преку вашиот медиум да повикам на лидерска средба на темата евроинтеграции, за да го постигнеме тој консензус бидејќи роковите до одржувањето на првата меѓувладина конференција се приближуваат.

 

Вие не верувате дека има сили што работат против евроинтеграција?

Мислам дека се минорни. Сите анкети од 1990-тите досега покажаа константно висока поддршка за евроинтеграцијата. Ниту една сериозна политичка партија нема поинаков став од тој на граѓаните бидејќи би било политичко самоубиство да се биде против плебисцитарната волја на граѓаните. Не верувам дека постои таква партија кај нас, можеби само некои минорни групи и индивидуи кои се замрзнати во времето.

Фото: Б. Грданоски

Ни се заканува ли сѐ уште политичка криза или сме блиску до договорот за датумот на избори?

Најмалку што би посакале сега, и ние и граѓаните, е нова политичка криза и нови препукувања меѓу партиите во услови на пандемија. Мислам дека тоа би било најомразеното нешто кај граѓаните доколку видат дека сега, кога е најважна сплотеноста на сите за да излеземе од здравствената и економската криза, ние политичарите да покажуваме ниско ниво на свест да и се закопуваме во партиските ровови и интереси. Кој и да го прави ова ќе изгуби во очите на граѓаните. Затоа, сметам дека ниту една политичка партија нема да оди до својот екстрем и да предизвика политичка криза во овие услови. Разликите за датумот не се многу големи.

 

Стоите ли вие зад предлогот изборите да се одржат на 5 јули?

Мислам дека 5 јули не е лош датум и дека е датум околу кој може да се сретнеме сите партии. Ако ме прашате како ДУИ, ние не спориме ниту еден датум од утре до декември, кога е редовниот термин. Но, сметаме дека по 5 јули па до септември ќе има отежнати околности за одржување на изборите. Така што очекувам да постигнеме договор околу овој датум. По 5 јули доаѓа летото, луѓето нема да бидат тука ако се отворат границите, ќе ги користат одморите. ДУИ нема да се спротивстави ниту на еден термин.

 

Има ли шанси оваа недела да се постигне договор?

Немаме покана за лидерска средба. Комуницираме, партиите, секоја со секоја и ги кажуваме ставовите. Нашиот став е дека е многу важно да има консензус, бидејќи нова политичка криза ќе биде многу штетна за државата и за граѓаните. Бидејќи разликите не се многу големи, јас очекувам дека ќе најдеме заеднички јазик околу овие теми.

 

Известувачот за Македонија во ЕП, Илхан Ќучук, најави две сценарија за Македонија. Според оптимистичко, ќе добиеме преговарачка рамка во јуни, според песимистичкото, ќе се чекаат изборите за да видат дали да ни дадат рамка. Може ли изборите да влијаат на преговорите?

Прво, рамката ние ја очекуваме да се објави на почетокот на јуни и таа е нацрт-рамка. Консензусот во однос на рамката, нели рековме, ќе се случи во октомври. Каде би влијаеле тука изборите? Изборите можат да бидат фактор доколку настане политичка криза заради наше несогласување околу датумот кога да се одржат. Тоа секако ќе даде лоша порака дека сѐ уште имаме проблеми со демократијата во државата. Но, исходот на изборите повеќе ќе влијае во зависност од тоа каква ефикасна влада ќе се формира и како ќе ги спроведе таа преговорите. А, политичката одлука, дали ќе има преговарачка рамка или не, мислам дека повеќе е во директна корелација со фактот дали ќе имаме политичка криза или не.

 

Очеквате ли некаква реакција од Холандија откако доживеа дебакл Законот за антидискриминација?

Кога се гласаше тој закон јасно се покажа волјата на мнозинството тој да биде донесен. При вакви сензитивни прашања не е важна само легалната форма на одлуката, туку дали постои политичка волја. Ние покажавме дека постои политичка волја да се донесе закон против дискриминација. Така што, мислам дека и Холандија и другите земји разбираат дека поништувањето на овој закон е повеќе техничко прашање, повеќе прашање за бројките во Собранието и за начинот на усвојување, отколку ретерирање од политичката волја за носење на законот. Така што, во прва пригода тој ќе се донесе. Би било проблем доколку има друга политичка клима за тоа.

 

Дали сте го виделе анексот со условите на Бугарија и во која фаза мислите дека може да нѐ блокира таа во преговорите со Унијата?

Имаше многу шпекулации околу тој анекс. Ние го добивме уште кога ја добивме одлуката за започнување на преговорите во март. Фактот дека Бугарија не ја попречи одлуката за преговори туку дозволи таа да помине, а стави забелешка во записникот (не во заклучокот), беше порака дека нивна намера не е да го попречат процесот, туку дека имаат едно прашање што сакаат да го решат. Јас така ја читам одлуката. Бидејќи, прво, имаше опција со едно „не“ да нѐ блокира и да нема одлука за започнување преговори. Второ, можеше да инсистира тоа да стои во заклучокот кој, доколку се утврди за него консензус, е став на сите земји членки. Но, кога во записникот кажувате унилатерален став, само навестувате дека има прашање што треба да се реши, што реално е така, бидејќи во рамките на Договорот за добрососедски односи се предвидуваат комисии кои треба да решат одредени прашања. Така што, мене ми е важно дека не постои одлука во Бугарија за попречување на процесот и мислам дека тоа нема да се случи ниту во иднина. Затоа, не го сфатив премногу трагично тој став во записникот. Штом се донесе одлука за започнување на преговорите, ќе имаме доволно време во текот на преговорите да ги разрешиме сите дилеми што ги имаме.

 

Бугарија сака да игра на албанската карта околу спорот, ценејќи дека албанските партии не би ја жртвувале евроинтеграцијата заради нешто што им е важно само на Македонците?

Точно е дека Албанците даваат силна поддршка на евроатлантските интеграции, но таа поддршка не е поразлична и кај Македонците. Така што ако нешто нѐ спојува како заедници, тоа е истата стратешка цел. Албанците се единствени што, можам гордо да кажам, никогаш не спореле и не правеле проблем со етничкиот и историски идентитет на Македонците. Тука Македонците секогаш имале пријател, поддржувач и сојузник. Она што нема да биде добро е ако се создаде ново непријателство со Бугарија како резултат на спорот. Сметам дека духот на новото време е поинаков. Пандемијата покажа колку сме сите исти, колку сите поделби во светот се вештачки, без оглед дали се етнички, расни, верски, социјални… Вирусот покажа дека сите сме едно исто, луѓе, и ако во тој дух ги гледаме прашањата, мислам дека се создава потенцијал за решавање. Затоа се обидувам оптимистички да го гледам и прашањето со Бугарија. Ќе се најде креативна формула која ќе ги задоволи барањата на двете страни, затоа што се работи за прашање од историјата. Прашањата на иднината бараат конкретни проекти, прашањата на историјата бараат креативност, големина и широчина. Мислам дека има простор и капацитет кај двете држави да се постигне тоа разбирање, а Албанците, се разбира, ќе бидат сојузник на нашите сограѓани за да ја постигнат целта.

 

Ја координиравте странската помош за епидемијата. Колку се собра и ги потрошивте ли сите пари?

Само ЕУ даде помош во финансиски сретства, другите дадоа опрема. Правиме точен попис што сѐ е донесено како опрема, но сѐ уште стигнува помош. Утре стига полска, естонска, норвешка помош, така што на крај ќе направиме попис на сѐ што пристигна во државата. ЕУ даде финансиски средства на неколку нивоа, но и таа купи опрема со првите 4 милиони евра.

 

Простор  за злоупотреби нема?

Не, бидејќи ЕУ го спроведува тоа. Останатите 50 милиони што ги добивме како награда од Унијата, ги релоцираа за менаџирање на социо-економската состојба и ќе ги користиме за пакетот помош што ќе го дадеме  на компаниите, но тие средства ќе стигнат во септември и октомври.

Фото: Б. Грданоски

Функционерите и натаму ќе бидат на минималец?

Уставниот суд ја поништи одлуката така што сега е прашање на волја на функционерите дел од својата плата да ја дадат за менаџирање на здравствената и економска криза. Голем дел од функционерите оставија дел од своите плати на сметката на Владата.

 

Опозицијата обвини дека државната помош за граѓаните и за компаните се користи за поткуп. Како гледате на тоа, бидејќи ДУИ е дел од Владата?

Во предизборен период секоја активност, која е најнормална, може да добие таква нијанса. Најдобриот аргумент дека нема намера да се поткупуваат граѓаните е тоа што не ги споивме пандемијата и изборите, но треба да бидеме многу внимателни. Некои ограничувања ги пропишува законот, како на пример членот 8-а од Изборниот законик, кој ограничува одредени плаќања 60 денови пред изборите, освен во вонредна состојба. Но, од друга страна не можеме ни да ги оставиме без помош граѓаните и компаниите сега, кога се најтешко погодени од кризата, заради тоа што сме пред избори. Така што – да, чувствителна е состојбата и сме размислувале за неа на Влада, но пандемијата не ја креиравме ние, ниту пак ја темпиравме да биде во овој период. Ние треба да се прилагодиме на ситуацијата во моментов.

 

На што ќе се фокусира  ДУИ во изборната кампања и очекувате ли таа да биде валкана?

Како и претходно, и сега ние нема да водиме негативна кампања. Реално на овие избори ќе одиме доста растоварени, бидејќи ги постигнавме најголемите ветувања и стратешки цели, ЕУ и НАТО. Во кампањата влегуваме со сериозна програма. Знаете дека партијата помина низ процес на комплетно подмладување и 99 отсто од ограноците добија нови раководители и нова структура. Ние излегуваме и со нова програма пред гласачите која, пред сѐ, ќе се фокусира на економскиот развој, на животниот стандард, на работните места, на повисоки плати, на правната држава и на борбата против селективната правда. Така што, ова  ќе биде една од нашите најобемни програми, со конкретни проекти, со рокови за реализација и со конкретни извори на финансирање.

 

Ќе ловите ли вие македонски гласови, откако СДСМ ги лови вашите?

Не е спорно дека секој граѓанин е потенцијален гласач за која било партија, независно од етничката припадност. Таа 2016 година беше специфична. Граѓаните гласаа против, не гласаа за. Мислам дека работите се расчистија и граѓаните Албанци сфатија дека ДУИ е најстабилната, најискусната, најпрогресивната организација на која можат да се потпрат, и во добро и во лошо. Очекувам голема победа.