(Интервју) Самуел Жбогар: Вашата земја е во чудна ситуација


Фото: Б. Грданоски

Слободанка Јовановска

Новата преговарачка рамка и одлуката да почнат преговорите со Македонија нема да зависат од изборите во земјата, тврди евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за „Независен“. Во рамката што ќе се донесе со консензус, на еден или на друг начин ќе биде опфатено спроведувањето на Договорот со Бугарија. Индиректно, амбасадорот порачува партиите да договорат прво план како да ги задржат младите во земјата и да им понудат подобра иднина ним и на граѓаните, а потоа да договараат Албанец премиер. Според него, Македонија сега е во чудна ситуација, со распуштен парламент и техничка влада со ограничени овластувања, поради што се надева дека политичките лидери ќе покажат политичка зрелост и конечно ќе постигнат консензус околу изборите.

 

Презентирањето на рамката за преговори со Македонија е најавено за оваа недела. Ќе се случи ли тоа? Како ја коментирате изјавата на Илхан Ќучук дека постои позитивно и негативно сценарио за Македонија – да биде донесена одлука за преговорите или, пак, да се почекаат изборите?

Минатата недела еврокомесарот Оливер Вархеи повтори дека Европската комисија ќе ги достави нацрт-рамките за преговори со Албанија и со Северна Македонија до Советот во јуни и, се надевам, тоа ќе се случи неделава. Значи, навистина, очекуваме документите да бидат преставени на земјите-членки многу скоро. Овој процес не е зависен од изборите во Северна Македонија.

Вицепремиерот Бујар Османи рече дека ќе биде штета ако, со непринципиелни барања, ЕК го уништи ентузијазмот за преговори во Македонија на самиот почеток. Колку далеку може да оди ЕУ барајќи добрососедски односи со Бугарија?

За Западниот Балкан добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи во процесот на проширувањето, како и во процесот за стабилизација и асоцијација. На еден или на друг начин добрососедските односи ќе бидат опфатени во рамката за преговори. Договорот од Преспа, заедно со Договорот за добрососедски односи со Бугарија беа позитивен пример за регионот и пошироко. Затоа, важно е овие билатерални договори да продолжат да се спроведуваат со добра волја од сите.

Ни треба ли консензус од земјите-членки за рамката за преговарање или само мнозинство?

Сите земји-членки треба да се согласат со рамката на преговори за таа да биде одобрена. Затоа, процесот трае извесно време. Врз основа на претходното искуство со Црна Гора и Србија, дискусиите во Советот би можеле да траат неколку месеци. Сè уште верувам дека е можно ова да се случи во втората половина на 2020 година, така што првата меѓувладина конференција би можела да се свика пред крајот на годината.

Ќе има ли во рамката и други специфични барања? Дали очекувате Холандија да реагира на повлекувањето на законот за антидискриминација?

Нацрт-рамката за преговори не е јавен документ. Ќе мора да почекаме додека не биде конечно одобрена од страна на Советот за да видиме што ќе предвиди таа. Кога станува збор за законот за борба против дискриминација, очекувам идниот парламент да го стави на својата агенда како приоритетно прашање. Како што знаете, човековите права и почитувањето и заштитата на малцинствата се суштински елементи на критериумите од Копенхаген и во овој контекст ефикасното законодавство против дискриминацијата е клучно.

Фото: Б. Грданоски

Опозицијата се заканува дека ќе ги бојкотира изборите ако не се постигне консензус за датумот. Кој е ставот на Брисел за тоа и воопшто за изборите?

Нашиот став отсекогаш бил дека е важно да се осигура дека се создадени услови за слободни, фер и кредибилни избори и дека тие ќе се спроведуваат во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, меѓународните стандарди и практики. Вашата земја се наоѓа во чудна ситуација. Од една страна парламентот беше распуштен и постои техничка влада со ограничени прерогативи, која работи во вонредна состојба. Ова не може да трае вечно. Во исто време, при организирање избори во вакви околности треба да се земе предвид состојбата со јавното здравство. Значи, политичките лидери ќе треба многу внимателно да ги балансираат овие два елемента и да донесат одлука.

Се надевам дека политичките лидери ќе можат конечно да постигнат консензус и да покажат политичка зрелост, како што тоа го сторија минатиот октомври кога се договорија за предвремените избори.

Има ли премногу политика околу епидемијата во Македонија? Како според вас земјата се справува со епидемијата, со помошта и со економските последици? Што би направиле поинаку?

На почетокот на кризата вашите институции донесоа навремени одлуки со цел да го забават ширењето на вирусот и да обезбедат пандемијата да не го оптовари здравствениот систем. Но, она што го покажа искуството е дека справувањето со огромни предизвици, како што е пандемијата на Ковид-19, бара вистински национален одговор: таков каде што општеството ги зема при срце препораките од властите и се придржува целосно на инструкциите. Ова е област во која сè уште можеме да постигнеме повеќе во Северна Македонија.

Случајот „Рекет“ е на брза лента и е во завршна фаза. Во исто време, судските процеси за официјалните лица од претходниот режим се далеку од крај и има најави дека дел од нив ќе започнат од почеток по трет пат. Каде ја гледате причината за тоа?

Во минатото имаше доцнења во некои судења поради истекот на мандатот на СЈО и последователното одложено донесување на новиот закон за СЈО. Расправите беа одложени, роковите истекоа итн., што предизвика повторување на некои судења. Неодамна Уставниот суд донесе одлука што може да влијае на некои тековни случаи. Со нетрпение чекаме сите овие случаи да дојдат до завршница како демонстрација на функционално владеење на правото.

Според она што го видовме досега, дали Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција може да биде соодветна замена за СЈО?

Новиот закон за Јавно обвинителство треба да стапи во сила во блиска иднина, со што ќе се зајакне Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за да може да се справи со високата корупција и случаите на организиран криминал. Се надеваме и очекуваме дека ова ќе доведе до ефикасно решавање на ваквите случаи.

Гледате ли  поткуп во начинот на кој се дели државната помош заради кризата предизвикана од Ковид-19?

Надлежните власти се тие што треба да утврдат како треба да се дава поддршката од државата за справување со предизвиците поврзани со Ковид-19. Постојат јасни ограничувања во користењето на јавните фондови за време на изборната кампања. Имате функционални институции кои се најдобро поставени да ги истражат можните прекршувања.

Како ја коментирате идејата на ДУИ еден од условите за формирање на идната владејачка коалиција да биде именувањето Албанец за премиер?

Победничките партии се тие што ќе решат околу номинирањето на идниот премиер, кој и да е тој или таа.

Неодамна имав бројни разговори со млади луѓе. Тие посочуваат на многу проблеми во образованието и воопшто во општеството, кои ги принудуваат да ја бараат својата иднина надвор од земјата. Се надевам дека за време на претстојниот изборен период политичките партии ќе се осврнат на нивните грижи со цел младите да ги задржат дома.

Ако владината коалиција има јасна, унифицирана визија и ако има план за акција за подобрување на животот на младите, на сите граѓани и на сите заедници во земјата, прашањето за премиерот ќе биде лесно усогласено.

Кога ЕУ ќе ги отвори своите граници за граѓаните од земјите не-членки?

Бидејќи земјите-членки постепено ги укинуваат ограничувањата за патувањата и контролите на внатрешните граници во ЕУ, Комисијата почна да договара со нив заеднички пристап за постепено укинување на патните ограничувања поврзани со надворешните граници. Комисијата кон крајот на неделава ќе презентира документ во кој ќе ги наведе препораките во врска со ограничувањето на патувањата во ЕУ по 15 јуни. Колку што е можно побргу ние ќе ги приклучиме земјите што не се членки на ЕУ во овој процес, вклучувајќи го и Западен Балкан.