(Интервју) Лаима Андрикиен, шеф на мисијата на ОДИХР: Нема совршени избори


Слободанка Јовановска

Деветте меѓународни вклучени во рамките на Специјалната набљудувачка мисија на ОДИХР во Македонија се тука повеќе од две недели и планираат да останат до 23 јули. Според шефицата на мисијата, Лаима Андрикиен од Литванија, форматот на мисијата во Македонија е ист како тој на неодамна одржаните избори во Полска и во Србија, кои исто така се случија во време на епидемија. Според неа, сѐ уште е рано да се даваат оценки за кампањата, а околу негласањето на дијаспората таа вели дека суверено право на земјата е да реши дали таа ќе биде вклучена во изборите или не и дека нема меѓународни стандарди или обврски по тоа прашање.

 

Беше ли тешко да дојде тука и да ја поставите набудувачка мисија? Колку луѓе имате и на што сте фокусирани деновиве?
Специјалната мисија на ОДИХР за проценка на изборите започна со работа во Скопје на 22 јуни и ќе работи до 23 јули. Ние сме тим од 9 меѓународни експерти, од 9 држави членки.
Нашите аналитичари следат теми кои ја опфаќаат изборната администрација, регистрацијата на гласачи, изборната кампања и нејзиното финансирање, медиумското покривање на изборите, приговорите и жалбите, механизмите за решавање на споровите, како и целокупната правна рамка за изборниот процес.
Остварувавме голем број состаноци и набудувавме различни елементи во административната подготовка на изборите и спроведувањето на кампањата. Преодниот извештај објавен од ОДИХР во април треба да претставува показател за видовите проблеми што ги покриваме.

 

Кои се вашите први проценки за кампањата? Дали го делите мислењето дека е премногу негативна и поларизирачка?
Набљудувачките мисии на ОДИХР се водат од принципот на немешање и затоа не даваме проценка пред денот на изборите. На 16 јули ќе дадеме изјава за прелиминарните наоди и заклучоци во врска со изборниот процес. Истиот ден ќе одржиме прес-конференција за да ги презентираме овие наоди. Нашиот финален извештај, со заклучоци и евентуални препораки, ќе биде објавен околу 8 недели по денот на изборите.

 

Дали забележавте неправилности коишто треба да се адресираат пред изборите?
Изборите се демократски процеси за воспоставување на политичко лидерство во суверени земји. Затоа, како што кажав претходно, ОДИХР не прави проценки на изборниот процес пред неговото заклучување, со цел да избегне несоодветно мешање.

 

Имајќи предвид дека изборите се одвиваат во состојба на епидемија, какви се вашите согледувања? Дали ќе има услови за безбедно гласање и што е важно да се почитува?
Во согласност со мандатот на ОДИХР, Специјалната мисија за проценка на изборите во Северна Македонија следи дали предвремените парламентарни избори се во согласност со заложбите на ОБСЕ, меѓународните обврски и стандарди за демократски избори и со националното законодавство. Во истовреме, сите наши членови на Мисијата строго ги следат сите важечки национални протоколи за здравствена заштита.

 

Дали имате првична проценка за медиумското покривање на кампањата? Дали обезбедува еднаква застапеност на партиите и дали е објективна?
Мисијата содржи опсежен елемент за набљудување на медиумите во текот на целата кампања, што подразбира квантитативно и квалитативно оценување на медиумското покривање на изборната кампања. Со задоволство детално ќе ги споделиме наодите на 16 јули, по завршување на изборниот период и изборниот ден.

 

Која е вашата генерална препорака за гласањето на дијаспората, која овојпат е исклучена од изборите?
Правото на глас на дијаспората е суверена одлука на земјата и нема меѓународни стандарди или обврски по тоа прашање. Во случајот на Северна Македонија, разбираме дека гласањето во странство нема да се спроведе бидејќи потребниот праг на пријавени гласачи – имено 6.534 гласачи – не беше постигнат. Сите можни препораки во врска со изборниот процес ќе бидат дадени во нашиот финален извештај.

 

Опозицијата се сомневаше дека можете да организирате кредибилна мисија за толку кратко време и да дадете соодветна проценка на изборите. Дали се сомневате во тоа?
Набљудувањето на изборите е важна алатка за промовирање на изборниот интергритет и демократијата. ОДИХР, во согласност со својот мандат, ги набљудува и оценува изборните процеси во регионот на ОБСЕ. Според правилата и процедурите на ОБСЕ, мисиите на ОДИХР за набљудување на избори започнуваат со работа во земјите-членки на ОБСЕ на покана на владите на засегнатите земји. Значи, мисијата на ОДИХР во Северна Македонија да ги набљудува предвремените парламентарни избори на покана од вашата Влада. За форматот на Мисијата одлучува ОДИХР.
ОДИХР е посветена на исполнување на мандатот за набљудување и издавање непристрасни и веродостојни проценки на овие значајни избори. Специјалната мисија ќе ги следи детално сите аспекти на изборниот процес, надополнувајќи го процесот започнат со мисијата за набљудување на изборите што беше започната во март.
Мисиите кои ОДИХР ги испрати за набљудување на претседателските избори во Полска (прв круг на 28 јуни, втор круг на 12 јули) или парламентарните избори во Србија (28 јуни) имаат ист формат, т.е. Специјални мисии за проценка на избори.

 

Колку време вообичаено траат вашите мисии во европските земји и што треба да постигнеме како стандард за да бидеме на списокот на земји каде што нема да испраќате мисија?
Нема совршени избори и затоа земјите-членки на ОБСЕ во Копенхашкиот документ признаваат дека присуството на странски и домашни набљудувачи може да ги зајакне изборните процеси. Секогаш има простор за подобрување. Постојат многу објективни фактори кои го одредуваат форматот на мисијата, што генерално го утврдува ОДИХР по спроведувањето на мисијата за проценка на потребите што вклучува состаноци со изборните чинители.