Инстаграм воведува превод на 99 јазици: Следуваат повеќе иновации

Инстаграм воведува новитети како можност за преведување пораки на 99 јазици, опција за испраќање пораки во одредено време до 29 дена однапред и многу други.
Покрај горенаведеното, Instagram воведува нови начини за споделување музика, можност за прикачување на содржина од најмногу три разговори на врвот на дијалогот и QR кодови за групни разговори.
– Со новата функција за преведување пораки на Instagram, можете без напор да комуницирате низ светот без да се грижите за јазичната бариера. Без разлика дали по долго време сакате да стапите во контакт со вашите роднини во Кореја или вашиот најдобар пријател во Шпанија, нивните пораки можете да ги преведете директно во вашите ДМ-а – се нагласува во соопштението на компанијата.
За да преведете порака во разговорот, притиснете и задржете порака испратена или примена на друг јазик и допрете „преведи“. Преведената порака потоа ќе се појави под оригиналната порака во вашиот разговор, додава Instagram.
Дополнително, сега е можно однапред да закажете порака која ќе биде испратена во одредено време за посебни прилики, како на пример кога сакате да му честитате роденден на вашиот пријател една минута по полноќ, а во исто време не можете да останете будни до доцна.
Функцијата може да се користи и за потсетување на пријателите за секојдневните задачи и обврски.
Корисниците можат да закажат испраќање порака со впишување текстуална порака и држење на копчето за испраќање, избирање на датумот и времето што сакате да ја испратите пораката и притискање на испраќање (send).
Вградена е и можност за поканување пријатели на групни разговори користејќи QR кодови, како и нови функции за слушање и споделување музика, се додава на веб-страницата на компанијата.