Инспекторите не знаат се уште од што поцрвене Вардар


По добиена дојава за загадување на реката Вардар со црвена боја во близина на Бетонската база – Бетон на 15 јули, Државниот инсепкторат за животна средина излегол на увид на посочената локација и со непосредниот инспекциски надзор утврдиле дека отпадната вода од колекторот која се влива во река Вардар беше со видлива црвена боја. Веднаш биле емени мостри од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа и биле однесени во акредитирана лабараторија, а во тек е нивно испитување.

Истовремено извршен е вонреден инспекциски надзор кај правниот субјект „Либерти АД-Скопје“, ул.„16 Македонска бригада“ б.б. и се утврдило дека во моментот на надзорот погонот Лужилница не работел, односно производниот процес бил целосно сопрен. При увид во пречистителната станица утврдено било дека во истата доаѓа отпадна вода од Погон за пластифицирање на лим, и од пречистителната станица истекуваат 210 литри/час отпадна вода која е безбојна.

Исто така бил извршен увид и во пречистителната станица на „Макстил АД-Скопје“, и од истата истекувала безбојна отпадна вода од 100 м3/час.

-Од извршените увиди и кај двата погоре споменати субјекти нема појава на истекување на црвена отпадна вода, се вели во извештајот од Државниот инспекторат за животна средина.

Од ДИЖС велат дека ниту „Либерти АД Скопје“, ниту „Макстил АД“ немаат пријавено било каков инцидент или хаварија во нивните погони, а при увидот во нивните пречистителните станици не е забележано обојување на отпадните води.