Инфографика: Најголемите пазари на обврзници во светот


Во 2022 година, глобалниот пазар на обврзници вредеше 133 билиони долари. Како еден од најголемите пазари на капитал во светот, оние на должничките хартии од вредност пораснаа седум пати во текот на изминатите 40 години.

Овој раст е поддржан од продажбата на државниот и корпоративниот долг во големите економии и пазарите во развој. Во текот на изминатите три години, кинескиот пазар на обврзници растеше за 13 отсто годишно.

Врз основа на проценките на Банката за меѓународни поравнувања (БИС), овој графикон ги прикажува најголемите пазари на обврзници во светот.

Показателите за вкупниот долг овде ги вклучуваат домашните и меѓународните должнички хартии од вредност во секоја земја или регион. БИС забележува дека меѓународните должнички хартии од вредност се издаваат надвор од локалниот пазар на земјата каде што престојува заемопримачот и тие се состојат од еврообврзници и странски обврзници, но не и кредити по договор.

Најголемите светски пазари на обврзници

Со вредност од повеќе од 51 билиони долари, САД го имаат најголемиот пазар на обврзници во светот. Државните обврзници го сочинуваа најголемиот дел од нивниот пазарен долг, со повеќе од 26 билиони долари во хартии од вредност. Американската федерална влада плати 534 милијарди долари камата на овој долг само во 2022 година.

Кина е втора, со 16 отсто од глобалната сума. Домашните комерцијални банки имаат најголем дел од нејзините обврзници, додека учеството на странската сопственост е сè уште прилично ниско. Странскиот интерес за кинеските обврзници забави во 2022 година поради геополитичките тензии во Украина и пониските приноси.


*Земји каде што националните власти не пријавиле вкупни должнички хартии од вредност. Овие бројки се збир на домашни должнички хартии од вредност пријавени од националните власти и/или меѓународни должнички хартии од вредност собрани од БИС. Податоците се од третиот квартал од 2022 година.

Како што покажува табелата погоре, Јапонија го има третото најголемо учество на пазарот на долг. Јапонската централна банка поседува огромен дел од нејзините државни обврзници, достигнувајќи рекордни 50 отсто, откако ја приспособи политиката за контрола на кривата на принос, која беше воведена во 2016 година. Политиката е дизајнирана да помогне во зајакнувањето на инфлацијата и да спречи пад на каматните стапки. Бидејќи инфлацијата почна да расте во 2022 година и инвеститорите почнаа да продаваат обврзници, земјата мораше да ги зголеми приносите за да ја стимулира побарувачката и ликвидноста. Прилагодувањето испрати шокови низ финансиските пазари.

Во Европа, Франција е дом на најголемиот пазар на обврзници со вкупен долг од 4,4 билиони долари, надминувајќи го Обединетото Кралство за околу 150 милијарди долари.

Банките се клучни играчи на пазарот на обврзници

Како и централните банки ширум светот, комерцијалните банки се клучни играчи на пазарот на обврзници.

Всушност, комерцијалните банки се меѓу првите три купувачи на американскиот државен долг. Тоа е затоа што комерцијалните банки ќе ги реинвестираат депозитите на клиентите во каматоносните хартии од вредност. Ова често ги вклучува американските државни обврзници, кои се многу ликвидни и се едни од најбезбедните хартии од вредност на глобално ниво.

Како што можеме да видиме на графиконот подолу, банкарскиот сектор често го надминува вкупниот БДП на економијата.

Бидејќи каматните стапки нагло се зголемија од 2022 година, цената на обврзниците е намалена, со оглед на нивната обратна врска. Ова покрена прашања за тоа какви видови обврзници поседуваат банките.

Во САД, комерцијалните банки поседуваат 4,2 билиони долари државни обврзници и други државни хартии од вредност. За големите американски банки, овие средства во просек изнесуваат речиси 24 отсто од средствата, а исто така претставуваат просечно 15 отсто од средствата на малите банки во 2023 година. Од средината на минатата година, малите банки ги намалија своите обврзници поради зголемените каматни стапки.

Бидејќи повисоките стапки влијаат на банкарскиот систем и на пошироката економија, тоа може да изврши дополнителен притисок врз глобалните пазари на обврзници кои брзо се проширија во ерата на „плашлива“ монетарна политика и ултра ниски каматни стапки. (Вижуал капиталист)