Инфлацијата во Турција се намали за десет процентни поени, сега е 61,78 отсто


Во јули годишната стапка на инфлација во Турција се намали од 71,6 отсто во јуни на 61,78 отсто, објави денеска турскиот институт за статистика Туркстат.

Ова е втор пад на годишната инфлација во Турција по седум последователни месеци раст, а инфлацијата во таа земја сега е најниска од октомври 2023 година.

Цените на храната и безалкохолните пијалоци во Турција во јули се зголемени за 58,91 отсто на годишно ниво, како и цените на транспортот за 46,07 отсто, услугите во хотелите, кафулињата и рестораните за 76,04 отсто, облеката и обувките за 39,57 отсто, услугите во здравството 63,02 отсто, но во сите наведени категории годишниот раст на цените е побавен во однос на јуни.

На месечна основа инфлацијата е зголемена за 3,23 отсто во однос на јуни, објави веб-страницата Туркстат.
Годишната стапка на базичната инфлација во Турција падна од 71,41 отсто во јуни на 60,23 отсто во јули, пишува Блумберг.