Индија ликвидирала над 100 екстремисти во напади на пакистанскиот дел од Кашмир

Индиските напади на пакистанска територија и на делот од Кашмир под контрола на Пакистан резултираа со ликвидација на над 100 екстремисти, вклучувајќи команданти, изјави денеска командантот на индиските воени операции, генерал-потполковник Раџив Гај.
Висок индиски воен претставник соопшти дека вооружените сили погодиле девет објекти, вклучувајќи локации на групата „Лашкар-е-Таиба“, која Индија ја обвинува за терористички напади на нејзина територија, вклучително во индискиот дел од Кашмир.
– Постигнавме целосно изненадување, изјави Гај на прес-конференција во Делхи, додавајќи дека реакцијата на Пакистан била „хаотична и несигурен“.
Двете земји вчера постигнаа договор за примирје по преговори за деескалација на најсериозната воена конфронтација во последните децении. Сепак, прекинот на огнот беше нарушен неколку часа подоцна со ноќни судири, кои стивнаа дури утрото во спорниот Кашмир. Двете страни меѓусебно се обвинија за прекршување на договорот.
Индиски официјални лица соопштија дека синоќа биле забележани дронови над индискиот дел од Кашмир и западната држава Гуџарат.
Како дел од примирјето, двете земји со нуклеарно оружје се согласија веднаш да ги прекинат сите воени активности на копно, во воздух и на море. Индиските воздухопловни сили соопштија за борбени загуби, без да дадат детали, но истакнаа дека сите пилоти се вратиле во земјата.
Портпарол на пакистанските вооружени сили претходно изјави дека биле соборени пет индиски авиони, но овие тврдења не беа потврдени од индиска страна.