Имунизацијата почнува со кинеските вакцини, в понеделник потпишување на договорот
В понеделник ќе се потпише договорот за набавка на 200 илјади вакцини за Ковид-19 од Кина. По потпишувањето, очекувањата на здравствените власти се дека за најкраток можен временски рок тие ќе стигнат во земјава. Покрај кинеските вакцини земјава обезбеди 800 илјади вакцини од КОВАКС системот и за исто толку се разговара и со компанијата „Фајзер“. Според министерот за здравство Венко Филипче првата количина вакцини е сосем доволна за еден процес на вакцинација што ќе трае четири до шест, седум недели.
Изминатите денови е адаптиран и националниот план за имунизација. Националниот оперативен план за вакцинација го изготвила националната техничка работна група за Ковид-19 во МЗ, тековно ќе се ажурира согласно динамиката на пристигнување на вакцините во земјава и спроведување на вакцинацијата, во зависност од количините, типот, спецификите. Вакцинацијата ќе се врши преку постоечката здравствена мрежа и вакцинални пунктови. Направен е детален план за транспорт од аеродром до сите места каде што вакцините се складираат, економските оператори и Здравствениот дом во Скопје, но и план за дистрибуција до вакциналните пунктови, како и начинот на спроведување на вакцинацијата.
Министерот вчера на прес-конференција изјави дека е потврден капацитетот на ладните соби за чување со цел да бидеме сигурни дека може да се прими и складира целата количина на вакцини.
– Оваа вакцина се чува и се дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, што значи дека сите веледрогерии и компании и здравствени домови кои ќе бидат за складирање и транспорт на вакцините имаат капацитет и возила за чување и транспортирање на тие вакцини. Со тоа системот е целосно подготвен вакцините да се преземат од аеродромот и соодветно се складираат, информира Филипче.
На дневно ниво тој очекува да се вакцинираат од две илјади до 2 500 граѓани. Вакцината, појаснува, е во форма на претходно наполнет инекциски шприц и со тоа на некој начин се олеснува апликацијата. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза веднаш ќе биде резервирана и втора што треба да се прими после 21 ден што значи дека со оваа пратка имаме вакцини за 100 илјади лица.
Согласно планот први се вакцинираат сите лица од најризичната група, која е поделена на две групи – во првата се здравствените работници кои работат во Ковид центри со ковид пацинети, во втората се сите граѓани над 70 години.
Во втората фаза се вакцинираат лицата постари од 65 години, лица од 18 до 64 со коморбидитети или здравствени состојби со висок ризик, здравствените работници од Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите и другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, критична инфраструктура и новинарите, вработени во образовните институции и градинки. Во третата фаза останатите преостанати лица од повеќе групи од други важни дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделие, останати вработени во образование во здравство со низок ризик на зараза, лица кои што не можат да одржуваат физичка дистанца и на крајот сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.
Филипче вчера рече дека нема резерва кон ниту една вакцина и оти би се вакцинирал меѓу првите со која било вакцина што прва ќе пристигне во земјата. Во однос на вакцините што треба да пристигнат од Србија, тој рече дека се уште ги чекаат и двата документи, односно дозволата за извоз од Србија и нашиот драфт документ. Вакцината на Астра Зенека според најавата од системот КОВАКС треба да пристигне во март.
Следната недела најверојатно ќе биде објавена веб-страната што ќе биде од информативна природа и ќе го содржи делот за пријава, односно за изразување на интерес за вакцинација. Кога веб-страната ќе биде достапна, пријавувањата можат да започнат веднаш. Пријавувањето ќе се одвива со внесување на личните податоци, граѓаните ќе се идентификуваат и ќе добијат одоговор на електронската пошта што ќе ја остават дека е примена нивната пријава и можат да очекуваат повик од матичен лекар за терминот кога ќе биде закажана вакцинацијата, соодветно групата во која спаѓаат, дефинирана во Националниот план.
Бројот на новозаразени од Ковид-19 вчера порасна за 404 случаи од направени 2.727 тестирања. Починаа осум лица од кои најмладиот е на 53 -годишна возраст. Оздравеа 101 пациент.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 94.599, бројката на оздравени пациенти е 83.735, а на починати е 2.916. Бројот на активни случаи изнесува 7.948. Досега направени се вкупно 468.845 тестирања на Ковид-19.