Имунизација без дистанца, салата „А1“ останува затворена


Фото: Б. Грданоски

Македонија надмина милион вакцинирани досега, имено во државата вкупно се аплицирани 1.016.700 дози вакцини, а ревакцинирани се 454.788 граѓани.

Во Скопје, имунизација против Ковид-19 се врши во две смени на пунктовите во „Чаир“, „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Бит Пазар“, додека во една смена работат поликлиниките во „Шуто Оризари“, „Драчево“ и „Ченто“, а секој може да се вакцинира без закажување.

Токму немањето точен термин направи сликата пред вакциналните пунктови да изгледа загрижувачки, со оглед на фактот што многу луѓе доаѓаат во исто време, се ствара метеж, нема воспоставен ред со бројче или термин, а граѓаните се збиваат и не внимаваат на дистанцата бегајќи од жешкото летно сонце, под некоја од сенките.

Како почна вакцинацијата?

Првично вакцинацијата се одвиваше со закажување преку матичен лекар или преку апликацијата vakcinacija.mk. Први се вакцинираа здравствените работници, потоа, повозрасните и оние со хронични болести, па полицијата, пожарникарите, војската, вработени во јавни услужни претпријатија, вработените во училиштата, градинките и другите кои имаа поголем контакт со луѓе.

Како пристигнуваа нови вакцини, така се симнуваше возрасната граница на оние кои можеа да се пријават и да добијат термин за вакцинација, која во Скопје се одвиваше во спортската сала А1 во „Борис Трајковски“ и во неколку пункта од Здравствен дом Скопје.

(Фото: Б. Грданоски)

Вакцинацијата во „Борис Трајковски“ беше доста добро организирана, со 50 пунктови за вакцинација, столчиња поставени на средина во салата за да се почека некаква евентуална реакција по вакцинирањето. Се издаваше извештај за примена прва доза и закажан термин за втора доза. Понекогаш, се случуваше, особено за примање прва доза да се почека од закажаниот термин дополнително по час до час и половина, но се течеше редовно. За ревакцинација, речиси никогаш немаше метеж, па ако се појдеше пред време, луѓето беа вакцинирани и пред закажаниот термин. Во овој најголем вакцинален пункт се вакцинираа луѓе од цела Македонија, а проблем не се јавуваше затоа што околу салата има огромен паркинг, на кој се паркираа автобусите и приватните возила со кои стигаа граѓани за вакцинација од секаде. Полицијата и волонтерите од Црвениот крст, како и припадници на Армијата, воспоставуваа ред и во сообраќајот и при чекањето ред за вакцинација.

Се затвори „Борис Трајковски“ – проработеа вакциналните пунктови во клиниките

Откако се обезбеди стабилна, редовна набавка на вакцини, Министерството за здравство одлучи да го затвори пунктот во „Борис Трајковски“, а вакцинација без закажување, за сите кои сакаа да се вакцинираат се овозможи во неколку поликлиники во Скопје. Сепак, уште првиот ден од вакцинација на таков начин, метеж се створи во поликлиниката „Јане Сандански“ и во „Букурешт“. Луѓето одеа рано да чекаат ред, пред сѐ заради топлото време. Имено, овие пунктови за слободна вакцинација почнаа со работа на средината на јули, додека „Борис Трајковски“ конечно се затвори на 31 јули, откако се ревакцинираа сите кои таму примиле прва доза.

Деновиве, здравствените власти и Владата одлучија од 16 август да воведат нови мерки за движење, односно да се бара вакцинален сертификат за влез во затворени простории со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект на отворено, при прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани. Токму таа одлука придонесе да се зголеми бројот на луѓе кои побрзаа да се вакцинираат, а метежот пред вакциналните пунктови беше неизбежен.

Така, во Скопје, покрај постоечките се отворија и дополнителни четири пункта за имунизација против Ковид-19. Пунктовите во Скопје се во поликлиниките „Бит Пазар“, „Драчево“, „Ченто“ и „Ѓорче Петров“. Во две смени работат пунктовите во „Чаир“, „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Бит Пазар“. Во прва смена работат поликлиниките во „Шуто Оризари“, „Драчево“ и „Ченто“.

– Вакцинацијата на пунктовите се одвива непречено и со зголемен интерес, а новоотворените пунктови ја дисперзираа зголемената работа на медицинските лица во поликлиниките и го смали редот на чекање за граѓаните. Вакцини има доволно од сите производители, а на неделно ниво со нови пратки истите се надополнуваат. Сите вакцини се безбедни и само со вакцинација на населението ќе го сочуваме колективното здравје. Ова е единствениот начин да почнеме повторно да живееме безгрижно и без ограничувања. Ве повикувам сите да издвоите еден час од вашето време во денот и да се вакцинирате во најблискиот пункт до вашето место на живеење – повика денеска министерот за здравство Венко Филипче, преку својот Фејсбук профил.

Фото: Б. Грданоски

Сепак, останува впечатокот дека вакцинирањето, со пријавување преку апликацијата или матичен лекар, со закажан термин за „Борис Трајковски“ беше поорганизирано, без метеж и турканици. Со тоа што вакцинацијата се дисперзираше, таа се одвива поблиску до живеалиштата на луѓето и полесно им е да стигант до вакцинација, тие за тоа чекаат на сонце и секакви временски непогоди по неколку часа.

Со оглед на тоа дека бројките со новозаразени почнаа да растат, а во моментот има над 3.000 активни случаи, а само вчера беа речиси 600 новозаразени, можеби треба да се размисли да се отвори повторно салата „А1„ за вакцинација, или барем имунизација по пунктовите да се одвива со закажан термин за да нема групирање на оние кои чекаат да примат вакцина.

По другите градови, надвор од Скопје, во тек е редовна вакцинација во сите здравствени домови, а во тек е и теренска вакцинација, каде здравствени тимови стигнуваат до најоддалечените села. (Б.Б.)