Имало ли „крт“ во ДИК кој ги манипулирал резултатите?


Слободанка Јовановска

Компанијата „Дуна“, која ја обезбедила апликацијата за пребројување на гласовите за ДИК, негира било каква одговорност за хаосот што се создаде околу изборниот процес, до таа мерка што ДИК се уште не излегува со резултати, а неколку партии ги спорат бројките што беа објавени и бараат увид во избирачките списоци.

Според Александар Пајковски, „Дуна“ не е одговорна за серверот и за сајтот на ДИК, ниту пак за неговата заштита од хакерски напади.

„Продадовме апликација за избори и таа си работи, и си работеше во времето на хакерските напади. Извадивме кабел и ја поврзавме со телевизор за да се гледаат резултатите. Тоа што пишува во бројките е човечки фактор и работа на професионална и кривична одговорност“, вели Пајковски.

Според него, базата на податоци е шифрирана и на неа има временски печат во секунда, така што може лесно да се дознае кој што внел во системот, т.е. за да извади апликацијата извади такви чудни резултати. Има одговорни служби, вели тој, и ќе прашаат како се внеле такви податоци, потврдувајќи дека компанијата се чувствува злоупотребена.

Според него, нападите почнале веднаш по 16 часот на денот на изборите и биле регистрирани упади од 180.000 ИП адреси, а во 21 часот тие броеле 400.000. „Дуна“ сугерирала заштита на ДИК, но на прашањето зошто таа не е обезбедена – упати на одговор кај нив.

Компјутерски експерт кој бил сведок на спасувањето на сајтот на ДИК, исто така се сомнева во човечки фактор, односно во малициозен упад на некој од внатре што имал пристап до апликацијата во која менувал податоци, или пак кој обезбедил пристап на некој хакер од надвор.

Според него, вечерта на изборите имало два DDOS напади со кои го оневозможиле серверот да го одржува сајтот. Тоа значи, вели тој, кон серверот биле упатени толку многу податоци што тој бил преплавен и не функционирал, а тоа се правело од киднапирани ИП адреси, при што сопствениците не биле ни свесни за тоа. Според негова проценка, користени биле десетици илјади компјутери за нападите.

Тие напади нашите компјутерџии ги одбиле за 15 до 20 минути, но останало како најголем проблем тоа што внатрешниот софтвер давал чудни бројки од изборите. Според овој експерт тоа не може да биде последица од хакерските напади, бидејќи тој сервер за пребројување на гласовите не е достапен на интернет, така што на него можел да влијае само некој од локалната мрежа на ДИК со компјутерско знаење или некој од внатре што дал пристап на хакери однадвор.

Одговорот за ваквите чудни резултати, според него, може да се бара и во грешка во самиот софтвер, во смисла дека собира лошо, но тоа го исклучи како можност. Тој верува во капацитетите на „Дуна“ и нагласува дека апликацијата што ја обезбедила таа за изборите не ги обработува податоците туку само ги рефлектира такви какви што се внесени во неа.

„Софтверот на ‘Дуна’ само ги претставува графички податоците, не ги собира и обработува, тој е компјутерски кажано ‘глуп’. Тој самиот не може да ги смени податоците што биле внесени од избирачките одбори. Затоа треба да се испита настанот и ако има намерен упад да се вклучи полицијата“, вели овој експерт.

Според него, не е толку битно од каде дошле нападите, бидејќи дошле од целиот свет и од лажни адреси, туку кој ги смислил, кој ги нарачал и кој платил за нив. Иницијаторите тој ги гледа тука кај нас, но смета дека изведбата е од надвор.