Илинден нѐ обврзува да створиме земја во која ќе се доаѓа, а нема да се бега
„Време е за нова пролет на нашата Република, враќање кон републиканските корени“, порача Сиљановска - Давкова

„Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа“, е најсилната порака што денеска, на чествувањето на Денот на републиката Илинден, ја испрати претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, од Мечкин Камен, во Крушево.
Во својот говор, претседателката повика на единство, на борба против корупцијата и економски напредок. Не пропушти да упати критика до ЕУ за билатеризацијата на процесот на проширувањето и менувањето на правилата на игра.
„Време е за нова пролет на нашата Република, враќање кон републиканските корени“, порача македонската претседателка Сиљановска – Давкова, додавајќи дека македонските граѓани очекуваат правда и слобода и дека е дојдено време за искоренување на плевелот на корупцијата и криминалот во земјава.
„Длабинскиот поглед кон државата разоткрива во изминативе години и децении ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија како закана за парламентарната демократија, партизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина и ги нарушија меѓучовеките и меѓу етничките односи, продуцираа катастрофи и стимулираа неединство за прашањата од национален интерес за кои единството мора да биде императив“, рече Давкова.
Во обраќањето ја критикуваше Европската Унија( ЕУ) истакнувајќи дека во изминатиов период дозволиле билатеризација на процесот за проширување како и дека честопати ги менувале правилата според кои една земја кандидат треба да се исполнува услови за членство во неа. Таа ја обвини ЕУ дека има двојни аршини во пристапниот процес.
„Легитимно е прашањето дали и колку денешната Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи. Чинам дека сеништата на старата одмината Европа како да не се далечно минато или како да осамануваат неочекувано. Се покажа дека ЕУ не е имуна на кризата на лидерството и демократскиот дефицит,“ рече Давкова.
Претседателката се осврна и на пожарите и справувањето со нив, па во духот на илинденците порача дека : „Републиката ни е во пламен“.
Смета дека за помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите.
„Мора да ставиме крај на дивите депонии и нивното палење, имаме потреба од длабоки суштински реформи во сите сфери по европска мерка“, додаде македонската претседателка.
Сиљановска Давкова изјави дека Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува.
„Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа“, порача таа.
Централната прослава за одбележувањето на 122 години од Илинденското Востание се одржа во Крушево, на Мечкин Камен каде што се чествува 122 години од денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и 81 година од првото заседание на АСНОМ, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Претходно, таа положи свежо цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“ и присуствуваше на панихидата во храмот „Св. Никола“.
Делегации од Кабинетот на претседателката денеска положија свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, пред споменикот на Никола Карев во Скопје, како и пред спомениците на АСНОМ и на првиот претседател на Президиумот, Методија Андонов – Ченто.
Делегација од Кабинетот присуствуваше и на одбележувањето на Илинден во Смилево.
Вчеравечер, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на церемонијата на отворање на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, којашто се одржа на месноста Гумење. На настанот беше прочитан Крушевскиот манифест и беа импровизирани традиционалниот напад на градот и пукањето од црешовото топче.
Премиерот Христијан Mицкоски, придружуван од вицепремиерот Изет Меџити, како и министерката за образование Весна Јаневска, положи цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“.
Лидерот на СДСМ, денеска од Крушево, на одбележувањето на 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, го честита празникот.
(Видео) Филипче од Крушево: Илинден е нашиот темел – заедно да ја продолжиме борбата за Македонија!
Гаши: Овој ден е симбол за на историската борба за слободно општество
Pотпретседателката на Собранието, Весна Бендевска денеска од пред Меморијалниот центар АСНОМ од Пелинце, на одбележувањето на 81-годишнината од првото заседание на АСНОМ.
Бендевска: Нашиот сон за четврти Илинден е Македонија, земја-членка на ЕУ