ИЈЗ: Фекалиите се дробат, но не се филтрираат при испуст во делови од Охридското езеро


Фото: Б. Грданоски

Отпадните води во автокамповите „Љубаништа” и „Ливадишта“, хотелoт „Св. Наум“, ресторанот „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум“, се директни загадувачи на Охридското езеро. Тие се приклучени на канализациониот систем, но истиот не функционира. Ова е наведено во последниот извештај за квалитетот и здравствената безбедност на површинските води за капење од природните езера и проценка на здравствениот ризик пред почетокот на сезоната за капење, кој го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Надлежните, за да ја проценат состојбата на плажите и водата на Охридското езеро за 2024 година, направиле теренски увиди и зеле примероци за лабораториска анализа пред и во текот на туристичка сезона, на целото крајбрежје на езерото – од Св. Наум до село Радожда.

„Во фазата на третман на отпадните води постои само дробилка за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото. Отпадните комунални води содржат разновидни микроорганизми кои се патогени и предизвикуваат болести кај изложената популација. Главниот ризик со кој се соочуваат луѓето кои се капат во контаминирана вода од отпадни води е зголемувањето на морбидитетот од одредени заболувања како што се болестите на гастроинтестиналниот тракт (дијареални заболувања), горните респираторни патишта, кожата, очите или ушите“, наведено е во извештајот, кој го подготвиле одговорните во одделението за безбедност на вода при ИЈЗ.

Оттаму наведуваат дека за заштита на Охридското езеро изграден е колекторски систем кој ги собира отпадните води од градовите Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителната станица во с. Враништа. Но, согласно постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од страна на ЦЈЗ Охрид, постојат објекти од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем, а се потенцијални загадувачи. Станува збор за хотелско – угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје од хотел Десарет до Св. Наум. Освен нив, тука се и хотелско – угостителските објекти и туристичките населби од Струга до с. Радожда.

„Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол” преку колекторскиот систем од с. Радолишта, Хотел Бисер и с. Калишта. Потенцијални загадувачи се и приватните куќи сместени на брегот од Охридското езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија, до приобалниот дел на населбата Канео. Освен нив, тука се и приватните куќи од с. Радожда кои користат септички јами кои најверојатно понираат или се празнат директно во езерото“, пишува во извештајот.

Како потенцијални загадувачи, одговорните ги навеле и шанковите поставени на самиот брег на Охридското езеро, односно на самите плажи.

„Приватните куќи долж целиот брег како и селските населби: Трпејца, Љубаништа и Радожда за диспозиција на комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба. Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или, бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата, понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото. Бидејќи станува збор за езеро со значителен број на извори, постојано струење на водата и голема водна маса, не се забележани позначителни промени во квалитетот на водата од езерото“, се додава во извештајот.

Сепак, во заклучоците, одговорните во ИЈЗ навеле дека според добиените резултати од анализите а согласно одредбите на Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење, површинската вода од Охридско езеро во сите месеци се класифицира како „одлична“.

Но, освен за Охридското езеро, направена е проверка на квалитетот на површинската вода и на Преспанското езеро.

„Согласно член 4 од Правилникот за начинот и мерките за управување со водите за капење, техничките критериуми и целите на квалитетот на водата за капење, како и начинот и постапката за информирање на јавноста за резултатите од мониторингот на водата за капење, водата од Преспанското Езеро се класифицира како „одлична“. Извршените увиди на крајбрежјето покажуваат дека плажите на брегот на Преспанското Езеро се песочни и средени. Потенцијални извори на загадување по должина на плажите покрај езерото не се идентификувани, но сепак потребна е контрола на водата од можните загадувачи. Нема систем за информирање за квалитетот на водата од езерото на плажите. На ниедна плажа не постои начин за предупредување во случај на опасност на плажата“, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Од увидот на водата од Дојранското езеро, надлежните визуелно констатирале дека водата е чиста, провидна со сино-зеленкаста боја, без видливи отпадни материи.

„Во однос на органолептичките својства и показатели, не се регистрирани видливи отпадни материи, боја или мирис. Од направените санитарно-хигиенски увиди и резултатите од анализираните примероци површинска вода може да се заклучи дека отстапувањата (зголемена матност и зголемената содржина на амонијак како и сатурација на кислород) од бараната втора класа нема да се одразат штетно по здравјето на луѓето. Водата на Дојранско езеро може да се користи за капење и рекреација на луѓето како и за спортови на вода“, пишува во извештајот.

Во заклучокот е наведено дека површинската вода од Дојранското езеро се класифицира како „одлична“ само во февруари и април, а во јануари, март и мај заради зголемен број на Escherichia coli и Enterococcus spp., површинската вода од езерото се класифицира како „добра“ и „незадоволителна“.

„Површинската вода од Преспанско езеро согласно Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење, се класифицира како „одлична“, освен за месец март и април поради зголемен број на Еnterococcus spp., заради што површинската вода се класифицира како „добра“ и „незадоволителна“, пишува во извештајот.

Останува обврската на јавно-здравствените институции и инспекциските служби за вршење редовни теренски увиди и собирање информации од терен за состојбата на канализационите и атмосферските цевководни мрежи, можните извори на микробиолошка контаминација или информации за историска контаминација со цел подобрување на состојбата, која со години останува прилично иста или бавно се менува.

„Најголема улога и обврска имаат локалните власти и соодветните општински иснпекциски служби кои треба да ја контролираат состојбата на терен, да инвестираат во подобрување на инфраструктурата, но, согласно законската регулатива, да воспостават соодветен интерен мониторинг на површинските води наменети за капење и рекреација“, заклучуват одговорните во извештајот. (Мета)