Ида прерасна во категорија 4, Луизијана го очекува најсилниот ураган во последните 150 години

Луизијана го очекува ударот на ураганот Ида, кој прерасна во категорија 4 и како што велат тамошните функционери, ќе биде најсилниот кој ја погодил оваа сојузна држава во САД, во последните 150 години. Најновата бура доаѓа на годишнината на исто така смртоносниот ураган Катрина, кој беше од категорија 5 и ја погоди Луизијана пред 16 години, на крајот на август 2005 година, предизвикувајќи смрт на околу 1.800 лица и штета од околу 125 милијарди долари.
„Ова ќе биде најсилниот ураган што ја погодил Луизијана уште од 1850 година. Вашето време за бегство истекува. Се приближува многу брзо. И како што реков вчера, кога вечерва ќе легнете во кревет, бидете подготвени и бидете таму каде што имате намера да се соочите со олујата во моментот на ударот“, порача гувернерот Џон Бел Едвардс.
Телевизиските мрежи во САД се полни со предупредувања за населението во Луизијана и со снимки кои покажуваат пренатрупани аеродроми, застој на автопатиштата и недостаток на гориво, откако илјадници луѓе ги послушаа повиците да бегаат од ураганот.
Ураганот Ида е означен ако „крајно опасен“ од категорија 4, кој најверојатно ќе поплави добар дел од крајбрежната област на Луизијана, чии болници се борат со зголемување на хоспитализациите поради КОВИД.
Ураганот се засили побрзо отколку што предвидуваа официјалните претставници во саботата, додека жителите на областа Мексиканскиот Залив се подготвуваат за евакуација, а бизнисите за привремено затворање.
Јужна Луизијана се уште се опоравува од последиците од минатогодишниот ураган Лора. Таа држава во последните седум дена ја има третата највисока инциденца на инфекции со КОВИД на 100.000 луѓе.
До раните утрински часови во средата, Ида брзо зајакна и стана ураган од категорија 4 според скалата од пет степени Сафир-Симпсон, објави Националниот центар за урагани (НХЦ).
Ида се наоѓала на околу 160 милји јужно од устието на реката Мисисипи носена од ветер од 215 километри на час.
Гувернерот на Луизијана Едвардс во средата изјави дека ветровите ќе бидат силни и ќе погодат области со дијаметар од 480 километри. Државата не планира да ги евакуира болниците што се пренатрупани со наплив на пациенти со КОВИД-19, рече Едвардс.
„Импликациите од бура од категорија 4 додека болниците се полни, се над она што ние инаку го разгледуваме“, рече Едвардс на прес -конференција во саботата попладне.
Во петокот беа пријавени 3.400 нови случаи на КОВИД, а околу 2.700 луѓе беа хоспитализирани.
„Разговаравме со болниците за да се увериме дека нивните генератори работат, да имаат повеќе вода и заштитна опрема“, рече Едвардс.
Властите наредија евакуација на крајбрежните области, што доведе до застој на автопатот и недостаток на гориво на некои бензински пумпи.
„Ова е моќна и опасна бура – се движи побрзо отколку што очекувавме, така што имаме малку време да се подготвиме“, рече главниот медицински директор во Луизијана, д -р Џозеф Кантер.
Дополнителни тимови и опрема се распоредени поради очекуваниот недостаток на електрична енергија. Претседателот Џо Бајден рече дека се координира со дистрибутерите на електрична енергија и дека 500 федерални работници за итни случаи се распоредени во Тексас и Луизијана.
Компаниите го намалија производството на нафта во морето за 91 процент, а рафинериите во Луизијана работат со намален интензитет.
Регионалната цена на нафтата порасна поради очекуваното намалено производство и зголемената побарувачка поради евакуација.