Во „Бучим“ го чекаат стартот на „Боров Дол“, но и повисока цена на бакарот

И рудниците не се имуни на корона кризата – цената на бакарот на тригодишен минимум – „Бучим“ продолжува да работи со редовно производство, иако сега цената на бакарот е под 5.000 долари за тон 

 

Веста дека до крајот на годината ќе стартува рудникот „Боров Дол“, во „Бучим“ ја доживуваат како некој кој ја добива неопходната инфузија за да може да функционира. Тоа е и разбирливо, бидејќи „Боров Дол“ со проценетите рудни резерви од 48 милиони тони бакар, значи уште најмалку десет години производство за единствениот капацитет за злато и бакар во земјава. Но, тоа не значи дека за „Бучим“ се решени проблемите. Иако не спаѓа во оние компании и индустрии кои се директно погодени од корона кризата (како угостителството, хотелиерството или транспортот), сепак и рудниците се соочуваат со бројни предизвици – пред се ниската цена на нивниот основен производ на светските берзи, кој го достигна тригодишниот минимум. Тоа го потврдува и Николајчо Николов, заменик генерален директор на „Бучим“ – Радовиш, кој е и претседател на Македонската асоцијација на рударството (МАР) при Стопанската комора на Македонија.

„И ние сме погодени од кризата со корона вирусот. Нашето производство се одвива нормално, но има голем пад на цената на бакарот“, вели Николов.

Николајчо Николов

Проблемите ескалираа кога корона вирусот се рашири во Кина и кога тамошните капацитети го прекинаа производството. Кина е најголемиот потрошувач на бакар, во 2018 година на пример, учествуваше со 49 отсто во светската потрошувачка на бакар, покажуваат податоците на специјализирани сајтови. И пред да започне корона кризата побарувачката се намалуваше поради економското забавување во најмногубројната земја во светот. Но, епидемијата многукратно ги искомлицира работите.

„Бакарот како производ се употребува многу во автомобилската индустрија, а со кризата најмногу застанаа токму таквите фабрики. Прво во Кина, каде што сега повторно почнаа да произведувааат, но потоа се затворија големите капацитети во Европа. Сето тоа се одразува на пазарот на бакар и на другите метали“, вели Николов.

Тој додава дека се намалија и очекувањата дека електричните автомобили брзо ќе ги заменат класичните, што исто така влијае на цената на бакарот.

Среќна околност е што поради истите причини, односно поради економскиот застој во светот предизвикан од корона кризата, во моментов е ниска цената на електричната енергија, а „Бучим“ е голем потрошувач на струја, а и цената на нафтените деривати е на повеќегодишниот минимум.

Николов вели дека „Бучим“ продолжува да работи со редовно производство, иако сега цената на бакарот е под 5.000 долари за тон, што е дури и под цената на производство во радовишкиот рудник, која е некаде околу 5.000 долари за тон. Но, додава Николов, се очекува цената да почне да расте.

Пред десетина дена бакарот се продаваше по 4.371 долари за тон, што беше најниското ниво уште од јануари 2016 година

Во прилог на овие очекувања се и прогнозите на аналитичарите од Интеса Санпаоло банката во Милано, според кои на Берзата за метали во Лондон (ЛМЕ) во текот на 2020 година бакарот ќе достигне просечна цена од 6.050 долари за тон, за 3 отсто повеќе од цената во октомври минатата година. Сепак, надолните ризици и натаму се силно присутни, проценуваат овие аналитичари.

На ваквите ризици укажуваат и податоците од пред десетина дена, кога бакарот на ЛМЕ се продаваше по 4.371 долари за тон, што беше најниското ниво уште од јануари 2016 година, објавија специјализираните интернет портали. Тоа е многу под цената од 6.340 долари за тон, која што беше постигната во средината на јануари, кога корона кризата почна да зема замав и да ги „нагризува“ стопанските капацитети.

„Репутацијата на бакарот како барометар за глобалната економија доаѓа од широкиот спектар на неговата употреба – како во градежништвото, така и кај потрошувачките производи, како што се автомобилите и уредите за широка потрошувачка“, велат аналитичарите.

Колкави ќе бидат последиците врз економиите во светот и врз македонското стопанство поради Ковид -19, никој не може да предвиди, но сигурно е дека ќе бидат големи, вели Николов.

„Силните и големи економии побрзо ќе се извлечат од кризата од малите. А, ние сме мала економија“, вели Николов. Нагласува дека сите во земјава треба да направиме се за да ги сочуваме домашните компании и домашното производство, а со тоа и работните места.

Во „Бучим“ до крајот на годинава ја очекуваат рудата од „Боров Дол“, која ќе се транспортира со бесконечна лента долга седум километри

Во 2018 година, „Бучим“ произведе 33.795 тони сув бакар концентрат, кој содржи 6.950 тони бакар, 767 килограми злато и 1.019 килограми сребро и произведе 786 тони катоден бакар со квалитет од 99.99 проценти.

Една од работите што му одат во прилог на „Бучим“ е токму рудникот „Боров Дол“, кој функционира како сестринска компанија и која ќе овозможи стотина нови вработувања, но и работа за околу 700 вработени во „Бучим“ барем за наредната деценија.

За шест месеци во „Боров Дол“ треба да се изградат изливниот базен од површински коп, пречистителна станица, брана и акумулација, како и административна зграда со ресторан и амбуланта, бензинска пумпа и улична инфраструктура. За нивната изградба е ангажирана скопската градежна компанија „Бетон“, која преку Македонската берза информираше за склучениот договор со „Боров Дол“ во износ од  352.125.266 денари (без пресметан ДДВ), или околу 5,7 милиони евра.

Првично се очекуваше дека почетокот на експлоатацијата ќе почне порано, некаде во април или мај годинава, но поради силниот отпор на екологистите за нови рудници во источниот дел на Македонија, работите се пролонгираа. Рудата од „Боров Дол“ ќе се пренесува до „Бучим“ со подвижна лента долга седум километри до постојната флотација. Вкупната инвестиција за „Боров Дол“ изнесува над 50 милиони евра. Можниот дисбаланс во снабдувањето, до почнувањето со работа на „Боров Дол“ и резервите на руда со кои сега располага радовишкиот коп, како што вели Николов, ќе се надоместат со дополнително дупчење и експлоатација на постојното наоѓалиште во „Бучим“.  (М.Ј.)