И Ивица Дачиќ вели дека запленетата дрога веројатно е од Македонија
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ ги негираше обвинувањата дека владата сакала да скрие информации за заплената на пет тони марихуана во близина на Крушевац и оцени дека полицијата не ја интересира нечија политичка припадност.
Во разговор на телевизијата Пинк, тој рече дека новинарите биле присутни кога се случила заплената и дека телевизијата имала „ексклузивни снимки од теренот“. „Ако некој сакал да скрие нешто, сигурно немало да ги повика новинарите“, рече Дачиќ.
Според него, сите полицајци кои учествувале во таа акција треба да бидат наградени, бидејќи тие „ги спасиле децата од труење“.
Министерот изјави дека марихуаната била спакувана за дистрибуција и дека веројатно била испратена во Србија од Северна Македонија или Албанија, но дека истрагата ќе ги утврди сите детали.
Тој додаде дека во акцијата не учествувале странци, туку само српската полиција.
Дачиќ рече дека синоќа се запленети 500.000 таблети што содржат психоактивни супстанции и дека се уапсени две лица.
Во селото Коњух кај Крушевац, полицијата во четврток заплени пет тони марихуана, што е најголемата заплена на таа дрога во Србија.
Уапсени се Р.С. и Н.С., а покрај дрогата, во магацинот на компанијата „Флораком“ се пронајдени четири автоматски пушки и еден пиштол, како и пари во износ од над 1,5 милиони динари. Компанијата се занимавала со увоз на краставички.
Претседателите на Демократската партија и Националното движење на Србија во петок објавија дека уапсениот Р.С. е функционер на Српската напредна партија во Крушевац и дека е близок до министерот за одбрана Братислав Гашиќ.