И Груевски може да се најде на списокот за аболиција


Веќе неколку дена претседателот Ѓорге Иванов преку молк на неговиот кабинет ја одржува во живот дилемата дали ќе се обиде да ги аболира осудените за насилствата на 27 април. Во меѓувреме, во политичките кругови почнува да се лицитира и со можност за помилување на поранешниот премиер Никола Груевски, но за предмети што против него ги води СЈО. Дури има и наводи дека Груевски, кој е сега азилант во Будимпешта, поднел барање за аболиција до кабинетот на Иванов, но никој не знае дали евентуалната аболиција за него би била само за случајот „Тенк“, за кој тој е правосилно осуден или и за другите предмети што се во фаза на истрага или е покренато обвинение.
Еленко Миланов, еден од бранителите на Груевски пред неговото бегство во Унгарија, вели дека лично не е запознаен дека е поднесено некакво барање за аболиција на поранешниот премиер. Вели дека такво барање може да поднесе и некој друг адвокат или некој од роднините. Како што посочува, ако претседателот го примени членот 11 од Законот за помилување, не ни мора да има барање за аболиција на одредена личност.
Миланов не се согласува дека членот 11 веќе не е во сила, односно дека не е вратен во правниот систем на државата, по последната одлука на Уставниот суд од 2016 година во однос на Законот за помилување. Од друга страна, токму тоа е аргумент со кој Министерството за правда и владата ја оспоруваат можноста Иванов да даде аболиција за „крвавиот четврток“ во парламентот, покрај тврдењето дека тоа не може да го направи во време на изборна кампања, односно на еден месец пред истекот на неговиот мандат. Според Владата, со укинувањето на членот 11, шефот на државата нема веќе дискрециско право да дава помилувања во исклучителни случаи без претходна постапка во Министерството за правда.
Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев изјави вчера дека судот досега нема добиено никакво барање за аболиција, ниту од обвинет ниту од осудено лице. Во однос на наводите за можна аболиција од претседателот на државата, рече дека не е добро судот однапред да се произнесува и да зазема став по нешто.
– Претседателот на државата има право да донесе аболиција, и тоа е факт. Ако биде донесена аболиција, тогаш судот ќе се произнесе и ќе проценува по неа – изјави Џолев.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој е бранител на Душко Лазаров и Александар Василевски-Нинџа, ни потврди дека е поднесено барање за аболиција кај Иванов за овие двајца осудени за 27 април. Во овој случај е заобиколено Министерството за правда, затоа што и Давидовиќ вели дека е во сила членот 11 од Законот за помилување, кој овозможува аболиција како дискрециско право на шефот на државата. Посочува дека во регулативата за помилување од 2016 година е додаден и член 11-а, кој не би можел да постои доколку не е на сила членот 11. Членот 11-а, всушност, беше додаден по жестоките реакции во јавноста за колективната аболиција за случаите што произлегоа од „бомбите“. Тогаш беше предвидена можност аболирани лица да поднесат барање до шефот на државата за поништување на одлука за помилување.
– Очекуваме од Иванов да ја искористи својата законска можност и да го направи она за што посебно зборува во последно време, односно да направи чекор против селективна правда и во насока на владеење на правото – вели Давидовиќ посочувајќи на Законот за амнестија кој предвиде делумна амнестија за настаните на 27 април.
Давидовиќ исто така не се согласува дека не смеат да се носат одлуки за помилување во тек на изборна кампања. Такво ограничување, вели, не е предвидено со членот 8 од Изборниот законик, каде што е регулирано какви активности не смеат да преземаат државните органи по распишување на изборите и од стартот на кампањата.
На вкупна казна од 211 години затвор првостепено се осудени 16 лица од големиот процес за насилствата на 27 април, а петнаесетина беа амнестирани согласно со законот што го донесе парламентот пред прогласувањето на уставните измени. Највисока казна од 18 години затвор заработи поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков, за кого исто така има наводи дека поднел барање за помилување. Според Ване Цветанов од здружението „Зелена лупа“, евентуалното помилување на Чавков би претставувало директен конфликт на интереси. Овој став произлегува од информацијата на „Зелена лупа“ дека за потребите на изборната кампања во 2014 година, Чавков лично донирал финансиски средства за поддршка на тогашниот претседателски кандидат Иванов.
– Чавков, како еден од донаторите во кампањата на Иванов, не може и не смее да биде амнестиран или аболиран од страна на претседателот на Северна Македонија – вели Цветанов.
Од Здружението ги повикуваат СЈО, Државната комисија за спречување корупцијата и Обвинителството за гонење организиран криминал да ги испитаат овие информации преку законско прибавување докази за ова тврдење и во рана фаза превентивно да биде информиран и опоменат Иванов дека неговата евентуална намера за амнестија или аболиција на Чавков обвинет за серија кривични дела е спротивно на законските прописи во државата.
– Искрено очекуваме брза, ефикасна и транспарентна реакција од соодветните државни органи за да се спречи уште една непромисленост од страна на непресметливиот Иванов, како што беше случајот со амнестиите кои што ја предизвикаа „Шарената револуција“ – се вели во соопштението на „Зелена лупа“.
Пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, изјави вчера дека јавноста знае дека се поднесени 27 барања за амнестија поврзани со настаните од 27 април. Се прашуваме, вели Калеска, дали Иванов, во овие последни мигови на неговата функција како претседател на државата, треба повторно да се втурне во една таква авантура.
– Дали треба да се држи строго до она што Уставот му го дава и она што го пропишува членот 11 од Законот за помилување или треба да се издигне конечно над она што значи политиканство, што го спроведува последните 10 години? Навистина се надеваме дека конечно разумот ќе завладее и дека до крајот на неговиот мандат, а тоа е до 5 мај кога ќе биде избран новиот претседател, овој претседател ќе ѝ каже „не“ на понатамошната амнестија. Граѓаните заслужуваат секој оној што направил криминал да одговара, особено кога зборуваме за криминал од такви размери – изјави Калеска.
Премиерот Зоран Заев повтори вчера дека не очекува Иванов да ги помилува осудените за 27 април бидејќи, како што рече, не постои таква можност во законот, но и затоа што вакви постапки се забранети за време на изборни кампањи.
– Изборите завршуваат на 5 мај, а официјалното завршување го прогласува ДИК, согласно со роковите за жалби и завршните извештаи, а мандатот на Иванов е до 12 мај, така што не очекувам никаква аболиција од негова страна. Како што слушам, пак, идниот претседател Стево Пендаровски јавно вети дека нема да дава вакви аболиции затоа што не постои таква законска можност – рече Заев.
Последните одлуки што ги објави Иванов во „Службен весник“ се од пред неколку седмици и се однесуваа на неколку назначувања и унапредувања во АРМ, за што одлуките беа објавени под старото име на државата Република Македонија. Антикорупциската комисија отвори предмет за овие одлуки, со оглед на тоа што се донесени по распишувањето на изборите. Од „Службен весник“, пак, соопштија дека веќе нема да објавуваат одлуки во кои не стои новото уставно име на земјата. Според тоа, Иванов и да сака да донесе одлуки за аболиција, ќе треба да ги објави во „Службен весник“ под името Северна Македонија што тој не го признава, поради што ги врати во парламентот и законите што беа донесени по стапувањето на сила на уставните амандмани. Александра М. Митевска