И Бугарите имаат „Хунзи“, бараат припојување на остров во Пацификот што веќе не постои


„Бугарија не го признава во каква било форма Кнежеството Нова Атлантида“, порача денес во Парламентот министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, одговарајќи на пратеничко прашање. Станува збор за пловечки остров близу Нов Зеланд кој бил окупиран од Бугарин, по што го прогласи за кнежевство и побара да стане дел од Бугарија. Островот всушност по меѓународно право не се смета за територија бидејќи ја менува положбата, а настанал од ерупција на вулкан и е всушност пловечка вулканска лава. Колку и да изгледа несериозно, бугарските пратеници сакаа да знаат што прави бугарската влада во однос на оваа територија и дали воспоставува дипломатски односи. Единствени жители на островот се Бугаринот што го „освоил“, неговата сопруга и еден негов следбеник. 

Според Захариева, привремената пловечка лава со мала густина и значителна големина постепено се раствора во океанот – процес што го проучувале голем број научници и бил објавен во научни списанија. Захариева им препорача на пратениците да го контактираат геолошкиот институт „Страшимир Димитров“ при Бугарската академија на науките за потврда, според која ентитетот повеќе не постои.

„Во оваа смисла, разбирате зошто Министерството за надворешни работи не развива надворешна политика кон непостоечката територија на Кнежеството Нова Атлантида. Не се поставени и разгледани никакви билатерални прашања“, рече Захариева, осврнувајќи се на чл. 2 од Виенската конвенција за дипломатски односи, според која таквите односи треба да се заедничка согласност, односно постоење на две суверени држави.

Овој случај се појави откако летото 2012 година, по ерупцијата на еден од најголемите подводни вулкани, беше формиран пловечкиот остров со огромна големина во Јужен Пацифик, приближно како Белгија, сместен на околу илјада километри северно од Нов Зеланд. Дека островот не е ничија сопственост, прво утврдил бугарскиот државјанин Валентин Баланов, кој по консултација со адвокат за морското право во светот  презел мисија на освојување на островот.  Акциите за стекнување сопственост на островот се документирани, вклучително и пред европски нотари. По освојувањето на островот, тој предложил да стане дел од територијата на Бугарија, која ќе имала наводно  корист од природните ресурси лоцирани на него претворајќи го во економска зона.

„Бидејќи овој објект не е трајно прицврстен на дното на земјата и лебди, менувајќи ја својата локација, тој не може да се третира како копно или како остров. Затоа не постои законска можност тој да биде прогласен за дел од границите на Бугарија “, објасни денеска Захариева.  „Исто така, не сметаме дека е можно да се реализираат можни економски придобивки за земјата, предложени од Баланов, од експлоатацијата на ресурсите лоцирани во ексклузивна економска зона и на континенталниот гребен, поради фактот што таквите не можат да се утврдат за лебдечкиот ентитет“, додаде Захариева.