Србија му даде државјанство на внукот на Кадиров. По пет дена му го одзеде
Владата на Србија му го одзеде српското државјанство на Јакуб Салманович Закриев, роднина на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кој беше српски државјанин само пет дена, јави Н1.
Повикувајќи се на Законот за општа управна постапка и Законот за влада, српскиот премиер Ѓуро Мацут денес потпиша одлука со која му се одзема српското државјанство на Јакуб Закриев (36), беше објавено во „Службен весник“.
Закриев, според медиумите, е внук на Рамзан Кадиров, чеченскиот лидер и близок сојузник на Владимир Путин. Кога му беше доделено државјанство, Владата се повика на член 19 став 1 од Законот за државјанство, во кој се наведува дека „странец чие примање во државјанство на Република Србија би било од интерес за Република Србија може да добие државјанство на Република Србија“.
Пет дена подоцна и помалку од 24 часа откако медиумите ја објавија оваа вест, Владата се предомисли и му го одзеде државјанството. Така, внукот Закриев од странец од интерес за Србија стана странец кој може да претставува „опасност за националната безбедност“ за пет дена.
Јакуб Закриев е син на постарата сестра на Кадиров, Зулај. Во 2018 година, кога имаше 27 години, бил назначен за градоначалник на Грозни.
Во февруари 2020 година, тој стана шеф на кабинетот на регионалниот лидер и владата, а во ноември истата година беше назначен на функцијата заменик-премиер и министер за земјоделство на Чеченија.
Во септември минатата година, Кадиров потпиша указ со кој им доделува медали на чеченските функционери по повод „стогодишнината од основањето на Чеченската Република“.
Најмалку 12 роднини на Кадиров, кои држат различни позиции во регионот, го добија ова одликување.
Блискиот соработник на Закриев, Руслан Алисултанов, исто така претходно доби српско државјанство, според „Крик“. Алисултанов стана државјанин на Србија на 14 март 2024 година, според одлука потпишана од Ана Брнабиќ.
Тој беше заменик-министер за земјоделство на Чеченија и заменик-градоначалник на Грозни, кога братучедот на Кадиров ги држеше овие позиции.
Неговите две ќерки и два сина исто така добија српско државјанство, објави „Крик“.