Хрватската актерска ѕвезда Горан Богдан во Скопје: Ликовите кои ги глумам, живеат во мене

Еден од најбараните и најпопуларни хрватски театарски, телевизиски и филмски глумци,заедно со филмската легенда Мики Манојловиќ ги толкуваат главните улоги во филмот „Чичко“ кој утревечер го отвора Интернационалниот филмски фестивал „Киненова“ 2022, посветен на дебитантски филмови


 
Горан Богдан (42), хрватски  актер,  со меѓународна кариера, овенчан и со наградата на Европската филмска академија во 2020 година, пристигна во Скопје како дел од екипата од филмот „Чичко“ кој утревечер го отвора Интернационалниот филмски фестивал „Киненова“ 2022, посветен на дебитантски филмови. Покрај филмската легенда Мики Манојловиќ, толкува една од главните улоги. Во Скопје допатува и режисерскиот двоец Давид Капац и Андрија Мардешиќ, кои го потпишуваат хрватскиот филм „Чичко“ (Stric/Uncle).
Со нив разговорот на денешната прес конференција во ЕУ Хаус го започна уметничкиот директор на фестивалот Гена Теодосиевска која ги претстави гостите од Хрватска.
– Не доаѓам прв пат во Скопје. Сум го посетувал и како студент тогаш доаѓав на „Скомрахи“, бев и на неколку фестивали. Го сакам Скопје и прекинав едно снимање за да дојдам, рече Богдан, кој моментно работи на три филмски проекти.
Вели дека несигурноста е составен дел на оваа професија.
-Сигурно дека сценариото е првиот чекор во изборот на улогите, но Давид јас и Андрија бевме заедно на академија. Приказната за „Чичко“ постои многу одамна и сосема поинаку изгледаше на почетокот. Мислам дека имаме некаква заедничка нишка сите тројца, а тоа е за кого го правиме ова. И ние самите сме почнале како публика. Таа ја препознава и ја вреднува таа наша заиграност. Ние се занимаваме со оваа работа, дел сме од таа машинерија за да ја одржиме таа чистота и што подолго да си играме и да бидеме чесни во тоа. Тоа не одржува млади. Мислам дека нема разлика во регионот и во светот во однос на публиката, вели Богдан.

Игор Ангелков, селектот на програмата на „Киненова“ на пресот посочи дека одлуката со филмот „Чичко“ да се отвори фестивалот, дојде многу брзо. Главниот „виновник“ за оваа одлука, како што рече, е директорот на Киненова, Небојша Јовановиќ.

-Можам да кажам дека филмот влезе во зоната на зачудувачки филмови. Откако го гледав, веднаш најдов поврзувачки точки на овој филм со она што го работиме изминативе шест години на фестивалот. Ние сме третирале грчка кинематографија и тој нивни нов бран по сензибилитетот многу ми наликува на тој овој филм. Оваа година ги имаме првите три филмови на Михаил Ханеке, а тој исто снима чудни флмови, барем во првиот период, и секако „Чичко“ беше логично надоврзување на сето тоа, додаде Ангелков.

Напомена дека дополнителна позитивна околност е и тоа што во филмот играат млади автори, а како што рече, „Киненова“ секогаш третира дебитантски филмови.

-Кога го изгледав филмот на крајот си реков дека вакво нешто не сум видел до сега од регионов или од Балканот, додаде Ангелков.

Режисерот Андрија Мардешиќ објасни дека проектот траел седум години.
–Од несериозен стана сериозен филм. На неколку работилници го развиваме сценариото и сите не водеа во различни правци и потоа некако со сопствена навигација стигнавме до резултатот. Имаше многу ментори и тоа многу ни помогна да сфатиме што всушност не сакаме. Сите тројца сме деца на видеотеките, стриповите, книжарниците. Така што и кога работиш некој филм сето тоа е аспект на тебе самиот, вели Андрија.
Капац, пак, објасни дека во еден момент сфатиле дека филмот мора да го снимат.
-Во Карлови Вари беше премиерата на филмот. Идејата која ја имавме на почетокот ни помогна да истраеме и затоа филмот е ваков каков што е. Менторите не водеа во некаква семејна драма, божиќна драма, но опстоивме на идејата. Во принцип за семејството точно се знаеше кои актери ќе ги толкуваат улогите. Работевме заедно. За улогата на чичкото имавме идеја тоа да биде помлад актер, но кога тргна снимањето правевме кастинзи и во тој процес сфативме дека всушност ни треба постар актер. Тоа  не фрли во депресија бидејќи знаевме само едно единствено име кое може да ја толкува улогата, а тоа беше Мики Манојловиќ, и се мислевме како да го добиеме за нашиот дебитантски филм. Дојдовме до ѕид со продукцијата. Му го пративме сценариото и за многу кратко време ни се јави. Многу му се допаднало и прифати. Имавме малку проблем со термините за снимање бидејќи и Горан и Мики се зафатени со други снимања, но лесно најдовме драматуршки одговори за да се сними „Чичко“, рече Капац. 
 

Давид Капац рече дека инспирацијата за филмот доаѓа од нивните лични семејни односи. Филмот е тешко жанровски да се дефинира, може да биде драма, но како што рече, постојат и филмови со недефиниран жанр, кои се успешни.

-Почнавме со нашите основни односи со семејството и нашите сеќавања од детинството, па на некој психотераписки начин ги решавме нашите трауми од детство. Израснати сме со филмови и низ филмска призма одлучивме да се соочиме со семејни односи кои не мачат, да дадеме одговори и да ги разрешиме или пребродиме, додаде режисерот Капац на денешната прес-конференција.

 

Филмот „Чичко“ светска премиера имаше на фестивалот Карлови Вари во Чешка, каде го доби признанието „Проксима“, потоа беше емитуван на филмскиот фестивал во Пула, Хрватска каде режисерите и сценаристи Капац и Мардесиќ беа наградени за филм со најдобро сценарио, а неодамна филмот беше емитуван и на Фестивал на европскиот филм во Палиќ, крај Суботица. Филмот допрва ќе биде прикажан на фестивали низ Европа, во Ванкувер, во Чиле…

Филмот ќе биде премиерно прикажан пред нашата публика утревечер во Кино „Милениум“. (Л.С.)