Хрватска издаде 11-годишна еврообврзница вредна 2 милијарди евра со камата од 1,5 отсто


Министерството за финансии на Хрватска во средата издаде 11-годишна обврзница во вредност од две милијарди евра, при што на меѓународниот паазар на капитал постигна купонска стапка од 1,5 отсто и принос од 1,643 отсто, објавија хрватските медиуми.

„На 10 јуни, Министерството за финансии успешно издаде еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал со вкупен номинален износ од 2 милијарди евра, со доспевање во 2031 година. Годишната каматна стапка на купонот е 1,5 проценти, а реализираниот принос е 1,643 проценти. Заеднички агенти за издавање беа ИМИ банка / Привредна банка Загреб, Баркли, Дојче банка и ЈП Морган “, се наведува во соопштението на хрватското министерство за финансии.

Од таму велат дека трансакцијата е најавена во вторникот на 9 јуни, по што министерството одржало глобална телеконференција за инвеститорите со цел да го подготви најширокиот можен пазар за трансакцијата што се случи на 10 јуни.

Заинтересираноста на инвестициската заедница била исклучителна, посочуваат од министерството, додавајќи дека имало повеќе од 400 потенцијални инвеститори, што дополнително придонеле инвеститорите кои вложуваат во хартии од вредност со инвестициски кредитен рејтинг.

Исто така, се оценува дека е многу добра географската диверзификација – Велика Британија, САД, Германија, Италија, Австрија, Франција, земјите на Бенелукс, земји од ЦИЕ и други. Тоа на крајот резултирало со голема побарувачка од 8,45 милијарди евра, што е за 4,2 пати повеќе од номиналниот износ на емисијата.

„Ова и овозможи на Хрватска да се задолжи за дури 45 базни поени пониско од првично објавената цена“, потенцираат од министерството.

Парите од оваа еврообврзница ќе бидат искористени за рефинансирање на еврообврзницата од 1,25 милијарди американски долари, која доспева во јули 2020 година, при што ќе се оствари годишна заштеда на камата од речиси 360 милиони куни.

Другиот дел од средствата ќе се искористат за финансирање на мерки за помош на економијата погодена од КОВИД-19, што е предвидено во измените на државниот буџет за оваа година.

Од министерството исто така посочуваат дека оваа трансакција следела една недела откако агенцијата „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Хрватска за БББ-, со стабилен изглед.

„Стабилниот изглед го одразува уверувањето дека Република Хрватска ќе ја задржи среднорочната фискална стабилност, истовремено обезбедувајќи краткорочна поддршка во борбата против пандемијата КОВИД-19. Исто така, во мај 2020 година, „С & П“ го потврди рејтингот БББ- / А-3 со стабилен изглед, а агенцијата „Мудис“ го реафирмира кредитниот рејтинг на Хрватска на Ba2 и ги задржа позитивни изгледите, велејќи дека иако пандемијата на КОВИД-19 ќе ги ослабне економските и фискалните перформанси на Хрватска во 2020 година, шокот ќе биде привремен и дека претходните подобрувања во фискалните податоци и посилната економија го поддржаа кредитниот профил на земјата“, се вели во соопштението.