Вмровски удар за Арсовска: директорите на „Градски паркинг“ и на „Дрисла“ поднесоа оставки

Во само два дена, градоначалничката Данела Арсовска остана без тројца директори и генералниот секретар на Градот


 

Бојан Христовски, досегашниот директор на ЈП „Градски паркинг“-Скопје, како и неговиот колега од ЈП „Дрисла“ – Скопје, Јане Мицевски, преку Фејсбук соопштија дека дале оставка од функцијата директор. 

Во само два дена, градоначалничката Данела Арсовска остана без тројца директори, откако му даде отказ на директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински, заради наводно самоволно одлучување на тендерот за изградба на пречистителната станица во Скопје, вреден 136 милиони евра, а поради истата причина разрешен беше и генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски.

„Денеска се навршуваат точно 8 месеци од моето именување за вд директор во ЈП ‘Градски паркинг’ Скопје. На 13 јануари, оваа година беше мојот прв работен ден во ова претпријатие, а денес е мојот последен ден на оваа позиција. Влегов со план и визија, со посветеност, професионализам и со континуирана работна динамика, и сето тоа со цел да им овозможам на сите граѓани подеднаков третман и подобри услови за услугите кои ги пружа ова претпријатие“, соопшти пред малку Христовски.

Директорот на „Дрисла“, Јане Мицевски (Фото: Б. Богдановска)

Неговиот колега, директор на „Дрисла“, Јане Мицевски пишува:

„Како директор на депонијата ‘Дрисла’ сакам да посочам дека во овој десет месечен период откако го преземав претпријатието направив стабилизација и негова консолидација и отпочнав со процес на инвестиции кои се во насока на подобрување на работата на истото. Но, секој индивидуален успех на било кое претпријатие не е целосен доколку истото не добие потркепа од колективитетот во кој ‘Дрисла’ мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек. Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето“.

Тој смета дека „првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача“.

Мицевски предупредува дека „Дрисла“ се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје.

„Поради сето ова јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на ‘Дрисла’“, напиша Мицевски на Фејсбук.

Откако директорите ги најавија своите оставки на Фејсбук, градоначаничката Арсовска, исто така, преку социјалната мрежа, појасни дека им дала избор или да си дадат оставки или ќе ги разреши.

„Поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на градот Скопје, директорите добија понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.
Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери.
Скопје мора да биде модерен град, град за сите скопјани“, порачува Арсовска.