Холивуд се свртува кон сајтот Камео за да заработи дополнителни пари
Лос Анџелес- Холивудските актери и другите работници во забавната индустрија сè почесто отвораат сметки на сајтот Камео за да заработат дополнителни пари.
Штрајкот на работниците во филмската индустрија започна на 14 јули, а оттогаш повеќе од 2.400 работници во филмската индустрија повторно ги отворија сметките на Камео или се приклучија на сајтот, рече шефот на Камео, Стивен Галанис.
Ова е раст од 137 отсто, најголем од пандемијата на коронавирусот, пренесува Си-Ен-Ен.
Актерите Фран Дрешер, Алиса Милано, Шајен Џексон и Крис Вуд неодамна се приклучија на страницата.
Камео е страница која им овозможува на фановите да купуваат персонализирана содржина од нивните омилени актери, со цени кои се движат од 1 до 1.500 долари.
Најчести желби на клиентите се роденденски или празнични честитки. Во областа Камео за бизнис, каде што видеото снимено од актерите може да се користи за комерцијални цели, просечната цена е околу 1700 долари, а страницата Камео зема 25 отсто од секоја трансакција.