Холандија ќе ги олесни мерките против пандемијата и најави Ковид – пропусници

Холандската влада во вторникот најави олеснување на мерките против Ковид-19 и ќе претстави корона пропуници како доказ за вакцинација, за влез во кафулиња, ресторани, клубови или културни настани, пренесува Ројтерс.
Премиерот Марк Руте рече дека повеќето мерки за социјална дистанца ќе бидат укинати на 25 -ти септември. Овој потег е сличен на најавите во другите европски земји.
Руте на прес -конференција рече дека разбира дека социјалната дистанца оставила емотивна трага кај повеќето луѓе.
„Затоа сум среќен што денес можеме да објавиме укинување на мерката за социјална дистанца како обврска насекаде, почнувајќи од сабота, 25 септември“, рече Руте, додавајќи дека се уште е разумно луѓето да држат дистанца.
Мерките што остануваат се носење маска во јавен превоз и во училиштата и препорака луѓето да работат од дома кога е можно.
Корона пропусниците ќе им бидат потребни на лица постари од 13 години за да влезат во ресторани, кафулиња, кина, музеи, отворени и затворени концерти и фестивали.
Руте објасни дека научниците од холандските институции веруваат дека пропусниците се неопходни за да се избегнат ситуации со висок ризик.
„Ова значи дека на некои места ќе можете или да покажете дека сте вакцинирани или дека сте имале корона и сте имуни, или дека имате негативен тест во последните 24 часа“, рече тој.
Повеќе од 70 проценти од холандското население, или 12,6 милиони, примиле барем една доза од вакцината против Ковид-19, додека 65 проценти биле целосно вакцинирани, според официјалните бројки.
Владиното советодавно тело за здравство во вторникот соопшти дека нема потреба од трета доза, попозната како бустер, за општата популација, бидејќи вакцините остануваат ефективни.
Новите инфекции се намалија на околу 2.000 случаи дневно во Холандија, додека околу 450 пациенти се лекуваат во болниците.