Хезболах му се закани на Израел. Тајванскиот производител: Само нашето лого е на пејџерите, произведени се во Европа


Болниците во Либан за миг се наполнија со ранети луѓе

Најмалку девет лица, вклучително и едно дете, се убиени откако пејџерите користени за комуникација од членовите на вооружената група Хезболах експлодираа низ Либан, изјави министерот за здравство на земјата.

Иранскиот амбасадор во Либан беше меѓу 2.800 ранети во истовремени експлозии во Бејрут и во неколку други региони. Хезболах, кој е поддржан од Иран, рече дека пејџерите припаѓаат на „вработени во различни единици и институции на Хезболах“ и ја потврдија смртта на осум борци.

Милитантната група го обвини Израел за, како што ја нарече, „криминална агресија“ и вети „праведна одмазда“. Израелската армија одби да ги коментира настаните. Неколку часа пред експлозиите, израелскиот безбедносен кабинет нагласи дека запирањето на нападите на Хезболах на северот на земјата, со цел да се овозможи безбедно враќање на раселените жители, е официјална цел на војната.

„Голд Аполо“: Пејџерите се произведени од европска компанија

Тајванското Министерство за економија соопшти дека нема податоци за директен извоз на пејџери во Либан, навидум потврдувајќи дека пејџерите што ги користат членовите на Хезболах не се произведени во Тајван. Министерството се повика на претходните извештаи на новинската агенција Ројтерс и Њујорк Тајмс дека пејџерите биле модифицирани од израелската шпионска служба „на ниво на производство“.

Цитирајќи ги сопствениците на брендот пејџер „Голд Аполо“, Министерството рече дека е „веројатно“ уредите да се „изменети по извозот“. Се додава дека батериите во пејџерите биле „обични тројни А батерии“.

„Голд Аполо“ исто така нагласи дека пејџерите не се направени во Тајван. Наместо тоа, тој ја посочи европската компанија BAC како производител на уредот, која би можела да ја користи трговската марка „Голд Аполо“ во некои региони според договор за лиценцирање.

Хезболах ветува одмазда. Хамас: Ова е голема ескалација

Милитантната група Хезболах вети дека ќе му се одмазди на Израел, откако го обвини за детонирање на пејџери низ Либан, при што загинаа девет лица и беа повредени речиси 3.000.