Харвард ја тужи администрацијата на Трамп поради забраната за запишување на странски студенти


Универзитетот Харвард денеска поднесе тужба против администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поради забраната за запишување на странски студенти.

Во тужбата поднесена до федералниот суд во Бостон, Универзитетот наведе дека со владината одлука се крши Првиот амандман и ќе има „непосредни и катастрофални последици за Харвард и повеќе од 7.000 странски студенти од дури 100 земји.

Исто така се посочува дека Владата „со пенкало би избришала една четвртина од студентите на Харвард, странски студенти кои значително придонесуваат за Универзитетот и неговата мисија“.

Министерството за внатрешна безбедност го обвини Харвард за создавање небезбедна средина на кампусот со тоа што им дозволи на „антиамерикански, протерористички агитатори“ да напаѓаат еврејски студенти во кампусот.

Исто така, го обвини Харвард за координација со Кинеската комунистичка партија, тврдејќи дека Универзитетот во 2024 година примил и обучил членови на кинеската паравоена група.

Секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, која побара Харвард да обезбеди информации за странски студенти, истакна дека Универзитетот може да го врати правото да запишува странски студенти ако обезбеди евиденција за нив во рок од 72 часа. Таа ги бара сите записи, вклучително и аудио или видеоснимки, за странски студенти кои учествуваат во протести или опасни активности на кампусот.