Хаос во Америка: Вонредна состојба – поплавено метро, откажани летови (фото/видео)


Силните бури предизвикаа поплави низ Њујорк и делови од североисточниот дел на САД, додека во Њу Џерси беше прогласена вонредна состојба поради обилни врнежи од дожд и ризик од поплави.

Предупредувањето за поплави е на сила од синоќа за сите пет општини на Њујорк, а градските власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат подруми и ниски подрачја, пишува Индепендент.

На социјалните мрежи се појавија бројни видеа на кои се гледаат поплавени станици на метрото во Њујорк, автомобили заглавени во вода и вода што се слева по скалите и пероните на метрото.

Гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи, прогласи вонредна состојба, повикувајќи ги жителите да останат дома и да избегнуваат патувања.

„Поради обилни врнежи од дожд и ризик од поплави, советуваме максимална претпазливост“, напиша Марфи на X.

Бурата предизвика прекини во воздушниот сообраќај на најмалку шест главни аеродроми на Источниот брег. Аеродромите ЏФК и Ла Гвардија во Њујорк, како и Њуарк Либерти во Њу Џерси, добија наредба привремено да ги приземјат летовите, предизвикувајќи неколкучасовни доцнења. Слична ситуација беше забележана и на аеродромите во Филаделфија, Балтимор и Вашингтон.

Според проценките на Националната метеоролошка служба, во некои делови од Њујорк наврнаа помеѓу 50 и 75 милиметри дожд за краток временски период.

Во подоцнежните часови од понеделник, врнежите се движеа кон исток и постепено го изгубија интензитетот. Сепак, властите предупредуваат дека денес може да го погоди регионот нов бран врнежи од дожд, заедно со екстремно високи температури и висока влажност.

Градските власти издадоа предупредување за комбинација од интензивна топлина и можни понатамошни поплави, со температури што би можеле да достигнат или надминат 38 степени Целзиусови.

Поради големиот број откажани и доцнења на летови, патниците пријавија доцнења од неколку часа на аеродромите и пренасочувања на летови, што го отежна патувањето во текот на вечерта.