Хан за „Независен“: Претседателот во заминување да не се меша во судските постапки
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан даде интервју за “Независен“ во кое го повика претседателот Ѓорѓе Иванов да не се меша во судските постапки, порачувајќи му индиректно да заборави на амнестијата. Хан исто така се надева дека Преспанскиот договор нема да биде жртвуван заради партиско-политички причини имајќи во предвид дека е дел од кампањата за претседателските избори. Според него, ќе биде неодговорно ако ЕУ не ги исполни ветувањата што ги даде , вклучувајќи го и тоа за нашата држава.
За првпат нашата земја има кредибилни реформи. Сепак, не сме сигурни дека во јуни ќе добиеме датум за преговори, откако одлуката веќе беше одложена минатиот јуни. Што ќе се случи сега?
-Најпрво, Европската комисија ќе ги објави извештаи за прогресот на земјите кон крајот на мај. Ако Северна Македонија ги продолжи реформските напори – а јас не се сомневам во тоа – овој видлив напредок, како и историскиот пробив околу Преспанскиот договор, ќе бидат јасно рефлектирани во нашата оценка. По ова, земјите-членки треба да донесат одлука која, се надеваме, ќе биде позитивна и ќе дојде најбрзо што може, односно на Советот во јуни.
Кои се причините што некои земји се уште имаат резерви.Кои ќе бидат вашите аргументи, со оглед на тоа што планирате да препорачате почеток на преговорите, како што разбрав?
-Навистина, добро е познато дека некои земји имаат резерви – како што можевме да видиме веќе во јуни минатата година. Но, се надевам дека во меѓувреме земјите-членки имаа можност да посведочат дека владата во Скопје испорачува значителни реформи, како што е формирањето на Агенцијата за борба против корупцијата, реформи во областа на правосудството, каде што е во тек законот за СЈО и за слободата на медиумите, само да споменам три клучни реформски приоритети. Владата, исто така, соработува со опозицијата, со граѓанското општество и со различните етнички групи во општеството, што е важно за добра функционална демократија.
Јас го правам најширокиот можен пристап со земјите-членки врз основа на добро засновани аргументи: пред се, процесот на пристапување не може да биде еднонасочна улица. Ако нашите земји партнери испорачаат реформи, земјите-членки на ЕУ мора да испорачаат исто така, доведувајќи го процесот на пристапување во следна фаза. Придржувањето кон нашите ветувања е прашање на кредибилитет на ЕУ. Второ, интеграцијата во ЕУ на Западен Балкан е во интерес на самата Унија: тоа создава стабилност, просперитет, како и демократски и инклузивни општества во нашето непосредно соседство. Перспективата за ЕУ е клучен двигател на реформите. Трето, би било неодговорно ако ЕУ не ги исполни своите ветувања. Не само затоа што тоа би можело да доведе до назадување во реформите, туку и поради нашите конкуренти во регионот, како што се Кина, Турција, Русија, кои имаат различни вредности и може да ги искористат предностите од нашето двоумење и да го зголемат нивното влијание. Ако ЕУ навистина сака да стане глобален играч, мора да го интегрираме Западен Балкан и да ги здружиме силите во справувањето со заедничките предизвици како миграцијата, климатските промени и организираниот криминал.
Зошто Македонија сé уште е во ист пакет со Албанија? Дали е можно земјите на ЕУ да не ги гледаат разликите во ситуацијата тука и во оваа соседна земја?
-Принцип во процесот на пристапување во ЕУ, што се повторува и во нашата стратегија за Западен Балкан усвоена минатата година, е дека ги оценуваме земјите врз основа на нивните индивидуални заслуги. Овој индивидуален напредок сигурно ќе се одрази во извештаите на земјата.
Што треба да се направи и натаму за да имате силна препорака за преговорите? Ќе биде можно тоа без одлука за мандатот на СЈО или без избран претседател?
-Мислам дека е важно реформските напори да траат до последен, а претседателските избори да се спроведат на слободен и фер начин. Го пофалувам договорот помеѓу кандидатите да се придржуваат кон ова.
Повторно има барања до претседателот Иванов да им се даде амнестија на обвинетите за 27 април и веројатно за други случаи поврзани со корупцијата. Што ќе биде вашата порака околу оваа идеја?
-Како и во претходните слични прилики, можам само да апелирам до претседателот во заминување да не се меша во тековните судски постапки.
Опозицијата одбива да го спроведе Преспанскиот договор и ветува во кампањата дека ќе се обиде да го смени. Ќе влијае ли тоа на интеграцијата на нашата земја во ЕУ? Дали мислите дека е можно земјата да добие членство во НАТО и преговори со ЕУ, а потоа да не го спроведува договорот, како што се надеваат некои?
-Преспанскиот договор е постигнување од историски димензии, признаено од меѓународната заедница. Тој испраќа позитивен сигнал до целиот регион дека помирувањето во Западниот Балкан е можно со политичко лидерство и со ориентација кон иднината. Се надевам дека ова достигнување нема да биде жртвувано поради партиски политички причини. Во интерес на земјата е ова остварување да биде неповратно, како и реформите направени во клучните приоритетни области. Време е политичките лидери на Западниот Балкан да размислуваат на долгорочен стратегиски начин, т.е. што е најдобро за нивните земји и граѓани, наместо да ги следат партиските политички размислувања.
Ќе има ли нов еврокомесар за проширување во новата ЕК, дали Турција ќе биде таму и какви промени очекувате по изборите во ЕУ?
-Верувам дека, дури и ако има поширок спектар на партии во ЕП, ќе има јасно мнозинство на проевропски сили. И ова ќе гарантира институционален континуитет. Со оглед на политичката важност на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и напредокот постигнат во последниве години, овој процес сигурно ќе продолжи, вклучително и со комесар задолжен за преговори за проширување. Што се однесува до Турција, топката сега е јасно во турскиот двор и таа треба да ја докаже својата посветеност на европските вредности.
Слободанка Јовановска