Хамас врати уште две тела на заложници, наведува дека за другите ќе биде потребно време


Хамас синоќа ги предаде останките на уште двајца заложници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, но соопшти дека во моментов не е во можност да ги врати преостанатите тела, јави ДПА.

Израелската војска (ИДФ) соопшти дека два ковчега се префрлени на персоналот на МКЦК и наскоро ќе им бидат предадени на израелските сили.

Според договорот за прекин на огнот меѓу Израел и исламистичката група, Хамас е должен да предаде вкупно 28 тела, од кои 19 остануваат во Појасот Газа.

Групата ги ослободи последните 20 живи заложници во понеделникот, потсетува германската агенција.

Меѓутоа, предавањето на преостанатите тела сега се чини дека се соочува со тешкотии, што предизвикува стравувања за стабилноста на кревкото примирје.

Израелската војска вчера соопшти дека експертите за судска медицина откриле дека едно од 10-те тела што Хамас досега ги ослободил не се совпаѓа со ниту еден од исчезнатите починати заложници.

Во соопштението издадено истовремено со последното предавање во средата, Хамас соопшти дека ги предал сите тела на заложниците до кои моментално има пристап и затоа ги исполнил своите обврски според договорот за прекин на огнот, јавува ДПА.

„За преостанатите тела на затворениците се потребни значителни напори и специјална опрема за нивно пребарување и преземање, а ние вложуваме големи напори за да го затвориме ова досие“, се наведува во соопштението на Хамас.

Се верува дека многу од останките на заложниците се закопани под урнатините на бомбардираните згради или во тунелските окна, по две години конфликт во Појасот Газа.