Хамас ги ослободи првите заложници, Трамп слета во Израел

Заложниците прво ќе бидат пренесени во израелската воена база Реим, каде ќе им бидат направени лекарски прегледи


 

Хамас денеска го започна ослободувањето на преостанатите заложници во Газа, јавија израелските медиуми, според кои седум лица утрово биле предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Речиси во исто време американскиот претседател, Доналд Трамп, под чиј притисок беше склучен договорот меѓу Израел и Хамас за крај на војната во Газа, слета во Тел Авив. Тој излезе од авионот со подигната тупаница, поздрав кој го означува неговиот успех..

Израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху се качи во претседателското возило покрај Трамп пред колоната да се оддалечи од аеродромот.

Доналд Трамп и Бенјамин Нетанјаху на аеродромот во Тел Авив

Трамп можеше да се види со раката потпрена на прозорецот на лимузината и изгледаше како да држи парче хартија во раката, кратко пред колоната возила да се оддалечи.

Трамп планираше да се сретне со семејствата на заложниците во Кнесетот, или израелскиот парламент, каде што Трамп исто така треба да се обрати.

Вкупно 20 заложници се очекува да бидат ослободени во текот на денот. Според медиумите, тројца од четворицата германско-израелски државјани биле ослободени во првата група.

Заложниците прво ќе бидат пренесени во израелската воена база Реим, каде ќе им бидат направени лекарски прегледи, ќе се истушираат и ќе добијат чиста облека. Потоа ќе се сретнат со своите семејства, пред да бидат префрлени во болници за понатамошен третман. 

Израелските власти велат дека 48 заложници, живи и мртви, се наоѓаат Газа.

Според податоците на здравствените власти под контрола на Хамас, во војната досега загинале над 67.000 Палестинци, а во нападите на Хамас врз Израел, со кои конфликтот започна, беа убиени околу 1.200 лица, додека над 250 беа киднапирани и однесени во Газа.

Израел: Чекавме 738 дена за да го кажеме ова – добредојдовте дома

Израелското Министерство за надворешни работи објави на платформата X дека Хамас ги ослободи седумте израелски заложници, киднапирани за време на нападот на 7 октомври 2023 година, по повеќе од две години заложник.

„Чекавме 738 дена за да го кажеме ова: добредојдовте дома, Алон, Еитан, Гај, Зив, Гали, Омри и Матан!“, се вели во соопштението на министерството со фотографии од ослободените мажи.

Според израелските власти, сите биле киднапирани во 2023 година за време на нападот на Хамас врз јужен Израел, кога милитантите убиле околу 1.200 луѓе и однеле повеќе од 250 заложници во Појасот Газа. Меѓу ослободените се Алон Охел, Еитан Мор, Гај Гилбоа-Далал, Зив и Гали Берман, Омри Миран и Матан Ангрест.

Заложниците биле држени во сурови и нехумани услови за време на нивното заробеништво, без соодветна медицинска нега и под постојан надзор на милитантите на Хамас, објави претходно Израел.