Хакирана Конгресната библиотека во Вашингтон
Вашингтон- Конгресната библиотека во Вашингтон ги известила законодавците дека нејзиниот електронски систем бил цел на кибер напад.
Хакери добиле пристап до електронската кореспонденција меѓу некои конгресни канцеларии и вработените во библиотеката во периодот од јануари до септември 2024 година, јавуваат дел од американските медиуми. Според претставници на библиотеката, случајот е предаден на надлежните органи.
-Библиотеката го отстрани пропустот што го искористиле злоупотребувачите за пристап до мрежата и презеде мерки за спречување на слични инциденти во иднина, се наведува во денешната изјава на библиотеката на Конгресот.
Електронските сметки на Претставничкиот дом и Сенатот „не беа компромитирани“, велат претставниците на библиотеката.
Конгресната библиотека е најголемата библиотека во светот. Во нејзините колекции се чуваат милиони книги, филмови и видеа, аудиоснимки, фотографии, весници, карти и ракописи. Таа е сместена во три зданија во централниот дел на Вашингтон наречен Кпитол хил, на територијата на владиниот комплекс спроти американскиот Капитол.
Библиотеката претставува клучна научно-истражувачка служба на Конгресот.