Грција влегува во „бугарско сценарио“, да има избори, а да нема влада


Премиерот Киријакос Мицотакис

АТИНА – Постојаниот скандал со шпионажа го наруши политичкиот пејзаж на Грција, поттикнувајќи ги сомнежите дека земјата може да формира стабилна влада по следните избори.

Контроверзноста започна минатиот месец кога владата призна дека го прислушувала телефонот на лидерот на опозицијата – потег што го нарече легален, но погрешен. Потоа скандалот прерасна во лавиринтска приказна која вклучува контроверзен шпионски софтвер кој бил закачен на телефоните на политичари и новинари чиј број постојано се проширува. Но, владата тврди дека нема врска – или дури и не била запозната со овие пошироки случаи. И по отпуштањето на двајца највисоки владини функционери, премиерот Кирјакос Мицотакис се држи цврсто, инсистирајќи дека мора да остане на курсот среде насобраните економски облаци поради војната што беснее во близина и сè повоинствената реторика од ривалската Турција.

„Јас нема да бидам надзорник на политичката нестабилност“, рече Мицотакис во саботата вечерта на годишниот саем во северниот град Солун – најголемиот годишен политички настан во Грција. „Ќе ја водам земјата безбедно до крајот на четиригодишниот мандат “.

Сепак, јавноста е поделена околу тоа дали сака да го види Мицотакис како останува дотогаш. Две неодамнешни анкети покажаа дека нешто повеќе од половина од Грците сметаат дека премиерот треба да поднесе оставка. Со изборите што треба да се одржат некаде следните девет месеци, потенцијалните коалициски партнери на Мицотакис се обидуваат да профитираат од кризата.

Над се виси можноста да се појават повеќе скандали околу шпионажата. Постојано капнуваат нови обвинувања во грчкиот печат во последните недели. Сепак, Мицотакис има причина да биде уверен дека тој и неговата централнодесничарска партија Нова демократија може да излезат релативно неповредени. И покрај тоа што некои сопартијци негодуваат за откритијата, самата Нова демократија не настрада во анкетите. И гласачите изгледаат многу повеќе фокусирани на бурната економија отколку на шпионажата.

„Мицотакис вети дека нема да оди на избори наесен, по добрата туристичка сезона, туку на пролет, по многу тешка зима“, рече Атанасиос Дијамантопулос, грчки политички специјалист од Универзитетот Пантеон. „Дотогаш, извештаите за прислушувањето нема да стивнат, но ќе има толку многу економски проблеми што ова ќе биде главниот влог“.

Пукнатини одвнатре

Долготрајниот скандал не е без последици – далеку од тоа. За почеток, имаше оставки, во кои беа вклучени еден од главните соработници на Мицотакис и неговиот шеф на разузнавањето. Тие дојдоа откако владата призна дека го одобрила прислушувањето на Никос Андрулакис, член на Европскиот парламент кој ја предводи третата по големина партија во грчкиот парламент, левиот центар Пасок.

Она што ги влошува работите е што натрапниот шпионски софтвер познат како Предатор беше пронајден и на телефонот на Андролакис, покрај оние на новинарите и пратениците од главната опозициска партија, левичарската Сириза. Владата негираше каква било поврзаност со тие прислушувања. Сепак, постојат многу  прашања за тоа што точно се случило. Мицотакис одби да објасни зошто неговиот политички противник бил шпиониран, укажувајќи на загриженоста за националната безбедност.

Молкот не смири и некои членови на Нова демократија.

„Во вакви ситуации, катарзата се случува само кога тие се целосно разјаснети“, рече Костас Караманлис, поранешен грчки премиер и некогашен шеф на Нова демократија, за време на неодамнешниот партиски настан на Крит.

„Тоа што овие настани се предизвикани од владина иницијатива не само што е недемократско и незаконско, туку и надвор од границите на морбидната имагинација и политичката глупост, па и  незамисливо“.

Фрустрациите се прелеаа во парламентот, каде Никитас Какламанис, член на Нова демократија и заменик-претседател на домот, рече дека сега се спротивставува на одредбата што тој и владејачката партија ја донесоа и со која граѓаните се лишуваат од можноста да дознаат дали се под надзор. Пасок, исто така, првично го поддржа законодавството. Пратеникот на Нова демократија, Константинос Цаварас, дури ги нарече грчките медиуми  „срам“ затоа што повеќе не го покриваат скандалот.

„Функционирањето на уставот претрпе силен удар и премиерот мора да се издигне над оваа ситуација“, рече Цаварас, еден од претставниците на партијата во парламентарната истрага што го истражува ова прашање.

И покрај јавните опомени, целосен револт внатре во партијата останува малку веројатен – бројот на незадоволни фигури на Нова демократија не се зголеми во последните денови. За некои политички специјалисти во земјата, останувањето на власт на Мицотакис е симптом на нефункционален грчки политички систем.

„Да бевме во која било демократска држава, немаше да имаме политичка нестабилност“, рече Никос Маранцидис, професор по политички науки на Универзитетот во Македонија. „Премиерот веќе би поднел оставка и би биле започнати настани за наследување“. Мицотакис, тврди Марантис, „својата лична иднина ја идентификува со иднината на демократијата и на земјата кога вели дека „ако поднесам оставка ќе има нестабилност“.

Мицотакис возврати на тоа размислување во неделата, велејќи: „Луѓето нè познаваат. Ако не ние, тогаш кој?“

Поглед на избори

На крајот на краиштата, Мицотакис најверојатно ќе ги помине следните месеци обидувајќи се да ја одржи својата партија заедно – и обидувајќи се да се движи кон уште покомплицирани избори, кои мора да се одржат до следниот јули,а се очекува да се одржат на пролет. Сè додека не се појавија шпионските откритија, се сметаше дека Нова демократија и Пасок се насочуваат кон формирање центристичка коалициска влада по претстојните избори. Сега тоа е готово.

„Сега е многу тешко за гласачите на Пасок да се придвижат кон Нова демократија, но уште потешко им е да извршат притисок врз нивното партиско раководство да учествува во коалиција“, рече Дијамантопулос, грчки политички специјалист на Универзитетот Пантеон.

Мицотакис вината за тоа ја префрли на самиот Андрулакис, обвинувајќи го дека води политички игри со неговиот надзор.

„Верувам дека она што се случи му помогна на Андролакис да оди по линија што беше однапред одредена, онаа на раскинување со Нова демократија“, рече тој, тврдејќи дека лидерот на Пасок е  во „дисхармонија“ со сопствените гласачи.

Следните национални избори во Грција ќе се одржат според пропорционален систем на претставување, што ќе оневозможи било која партија да собере мнозинство. Поради тоа, земјата најверојатно ќе се упати на втори избори, кои би се одржале според системот со кој се доделуваат бонус места на првата партија. Тековните анкети, сепак, не покажуваат дека партијата е блиску до постигнување апсолутно мнозинство, дури и со бонус во вториот круг.

Пред шпионскиот скандал, таа реалност ги поттикна очекувањата дека Нова демократија и Пасок ќе бидат притиснати во коалиција. Сега, со препукување на двете партии, се шират шпекулации за тоа какви коалициски формации би можеле да произлезат од таков момент на поделби. Мицотакис би можел да се поврзе со националистичката, русофилска партија Грчко решение. Сепак, тоа би претставувало пресврт за премиерот, кој се опишува себеси како умерен и проамерикански политичар.

Во неделата, Мицотакис рече дека не се чувствува „воопшто блиску“ до Грчко решение, но не исклучи потенцијално поврзување, тврдејќи дека „не е подготвен да зборува за тоа кои ќе бидат опциите“ доколку е потребна коалиција.  Тој, исто така, ја остави отворена опцијата за здружување со конкретни пратеници од различни политички партии за да ја зајакне својата позиција. Забележително, здружувањето меѓу Нова демократија и Пасок се уште е на маса, според политичките аналитичари во Атина – но реално само без Мицотакис како премиер. Тоа не е нешто за кое Мицотакис најверојатно ќе се заложи.

„Лидерот на првата партија мора да биде премиер, дури и во случај на коалициска влада“, подвлече премиерот во неделата.

Слично на тоа, големата коалиција меѓу Нова демократија, Пасок и Сириза – пристап што го фаворизира Пасок – најверојатно ќе бара ново лидерство во Нова демократија. „Ова е можно, но нема да биде едноставно“, рече Маранцидис, професор по политички науки.

„Се додека [Мицотакис] ја идентификува својата лична иднина со иднината на демократијата и земјата, тоа ќе има негативно влијание врз развојот на настаните по изборите“, рече тој.

Самиот Мицотакис предупреди на друга можност – коалиција која ќе ги собере сите опозициски партии од левиот центар и без Нова демократија, дури и ако таа заврши прва.

„Ова ќе биде политичко монструозно и морам да ги информирам и предупредам луѓето за оваа можност“, рече Мицотакис.

Анкетите остануваат стабилни

И покрај брзото менување на политичката динамика, анкетите минатата недела покажаа ограничена штета на владата поради шпионскиот скандал. Во зависност од анкетата, Нова Демократија падна само меѓу 0,2 и 1,7 процентни поени од избивањето на скандалот. Во меѓувреме, опозициските партии Сириза и Пасок  добија меѓу 0,5 и 1 процентен поен. Во моментов Нова Демократија ја поддржуваат 35 отсто од Грците, Сириза 27 отсто, а Пасок 14 отсто, така што иако прва во анкетите, Нова демократија се соочува со многу посилна левица во земјата. 

„Бевме изненадени од краткорочните реакции во минатото“, рече Јоргос Арапоглу, генерален директор на Pulse Polling Company. Арапоглу потсети дека по големиот пожар во 2018 година, во кој загинаа 100 луѓе, владата најпрво победи на изборите пред да ја изгуби власта во 2019 година.На крајот, Арапоглу рече дека економијата е обично најголемиот фактор на изборите.

Неодамнешните анкети ја потврдуваат неговата теорија. Дури  84 отсто од Грците се загрижени за инфлацијата и претстојната енергетска криза оваа зима. Само 16 отсто во последната анкета изразиле загриженост за откритијата од прислушувањето.

Меѓутоа, кога се размислува само за политика, се чини дека приказната за шпионажа е голема. Неодамнешна анкета  покажа дека речиси 70 отсто од Грците сметаат дека случајот е „многу“ или „прилично“ важен дел од актуелната политичка сцена. Повеќе од половина, 59 отсто, исто така сметаат дека Мицотакис има одредена одговорност, додека исто толку рекоа дека случајот ја намалил нивната доверба во владата. Повеќе анкети покажуваат дека тенко мнозинство сака Мицотакис да се повлече – во анкетата на Public Issue тоа изнесува 54 отсто, додека анкетата на ProRata покажа дека е 51 отсто.

Некои политички аналитичари веруваат дека е само прашање на време кога тоа барање ќе го стигне премиерот.

„Очигледно, владината стратегија е да се заборави она што се случува“, рече Маранцидис. „Но“, додаде тој, „на овој или оној начин, како што Никсон не ја избегне вистината, така и Мицотакис нема да може да ја избегне“.