Грчка компанија казнета со два милиони евра поради нејасни попусти на одредени производи


Грчката компанија „Коцоволос“, една од најголемите мрежи на продавници за бела техника во земјата е казнета со два милиони евра поради тоа што за одредени производи на попуст, не била јасно наведена цената пред и по намалувањето, соопштија од Министерството за развоја на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Казната е изречена по спроведената инспекција од надлежната служба, а се однесува на прекршување на соодветен закон за попустите.

Поконкретно, во онлајн продавницата за одредени производи кои се продавале на попуст, не била наведена продажната цена пред и по примената на намалувањето.

Министерот за развој на Грција Костас Скрекас рече дека ќе продолжат со контролите, но и со изрекувањето казни онаму каде што не се спроведуваат законите.

-Пазарот не е ничија сопственост, постојат закони и правила на работа за секого. Го контролираме пазарот, го штитиме потрошувачот. Нема да дозволиме неказнивост, истакна Скрекас.