Гори паркот Езерани во Преспа, ќе настрада живиот свет


„Ер-трактор“ е вклучен во гаснењето на пожарот во Паркот на природата Езерани во Преспа, но огнот сѐ уште не е ставен под контрола. Гори веќе четири дена, огнот има зафатено околу 300 хектари трска од заштитеното подрачје. Нема опасност по домовите на околните население места, но загрозен е животинскиот свет во Паркот.

На терен се излезени Територијалната противпожарна единица од Ресен, вработени во Паркот, Општина Ресен, Националниот парк Галичица, други институции и месно население.

И Македонското еколошко друштво (МЕД) повика на спас на Паркот каде на 1.917 хектари живеат голем број ретки и загрозени растителни и животински видови поради што Паркот се наоѓа на признати светски листи за значајни подрачја.

„Ова заштитено подрачје сместено на северното езерско крајбрежје важи за едно од најзначајните подрачја за биолошка разновидност во Преспанскиот Регион и во државата, дом на голем број растителни и животински видови кои во моментот се жртва на пламените јазици. Освен негативните последици врз биодиверзитетот, пожарот несомнено ќе се одрази негативно и врз целиот Преспански предел, дополнително ќе биде нарушена состојбата на Езерото, како и квалитетот на живот на локалното население! Под ризик се приватните поседи и овоштарниците од населените места кои граничат со Паркот“, соопштија од МЕД.

Огнот ќе има негативни последици врз биодиверзитетот. Паркот Езерани е дом на 216 видови птици од кои дел глобално загрозени што претставува 66% од птиците на национално ниво или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа. Меѓу нив и најголемата колонија на далматински пеликани.

Во Езерани живеат 30 видови цицачи, безрбетници, водоземци и влечуги меѓу кои и балкански ендемити, кои се дел од природното богатство на Македонија.