Горан Илијевски: Провокацијата на Вулин е недостојна за одговор


Слободанка Јовановска

 

Горан Илијевски, лидерот на Партијата на Македонците во Србија, смета дека неоградувањето на српската влада од навредите на министерот за одбрана Александар Вулин кон претседателот Стево Пендаровски покажува дека станува збор за смислена провокација, а не дипломатски инцидент. Според него, Македонија не е таа што се меша во проблемот, туку на Белград му одговара да го проширува. Илијевски во интервју за „Независен“ ги објаснува причините за ваквата политика на Белград и што може да се очекува на престојните избори во Србија однос на Македонија.

 

Господине Илијевски, која е причината за последниот вербален напад на министерот за одбрана Александар Вулин кон претседателот Стево Пендаровски? Дали се работи за личен однос кон претседателот или за однос кон Македонија?

Станува збор за класична недипломатска провокација на многу ниско ниво од страна на Вулин, кого го знаат во Србија и не го почитуваат заради многу скандали што постојат околу него (од тетка во Канада, преку лажна диплома до неспособност за воена служба иако е министер за одбрана).

Проблем, според мене, е неоградувањето од неговата изјава од страна на српската влада, што докажува дека станува збор за смислена провокација, но со речник што покажува за каков неелоквентен министер се работи. Со оглед на тоа дека освен претседателот Пендаровски, Вулин го омаловажуваше и македонскиот јазик, веднаш излеговме со реакција од нашата партија, побаравме  извинување и оградување од српската влада и порачавме да не сметаат ниту на еден глас од Македонците во Србија.

 

Треба ли Македонија да реагира? Зошто се најде толку погоден Белград од нешто што генерално е наш став три децении, бидејќи е јасно дека промената на границите на Косово може да ја наруши стабилноста и кај нас?

Добро е што Македонија не реагираше на провокацијата, бидејќи недостојно е да се влегува во конфликт со некој кој сака да наметне судир само за да го сврти вниманието од проблемите што се сериозни во Србија. Одговарајќи на сите навреди и провокации со зборовите – да, сакаме пријателски односи и со Србија, Македонија им очита лекција по дипломатија. Нормален и оправдан е стравот на Македонија околу прашањето за промена на границите, уште повеќе што со ваквиот став ѝ се дава  поддршка на Србија за проблемот, како би ги задржала своите територии во склад со резолуцијата 1244.

Дали моменталната власт во Србија има некои нови решенија, е сосема друго прашање. Можеби, заради опстојување на власт, се подготвени на нови отстапки околу проблемот со Косово.

Многу коректна беше и пораката на претходниот премиер Зоран Заев дека Македонија ќе го подржи секој договор и решение за Косово што ќе го постигне Србија. Со ова сѐ е веќе кажано, Македонија не се меша во проблемот, но некому му одговара да го проширува.

 

На 21 јуни ќе има избори во Србија. Очекувате ли да се користи Македонија во изборната пресметка од страна на власта?

Сигурно ќе се злоупотребува. Ќе пробаат да дефокусираат од сопствените проблеми, бидејќи популизмот и национализмот се главно орудие на власта во Србија. Секогаш, наместо да ги решаваат своите проблеми и пропусти, прават нови жаришта, што е многу опасно.

 

Дали зад ваквите крајно навредливи и недипломатски напади стои само политика на српската влада или има и руска заднина?    

Руската дипломатија е сериозна и Путин ни го почитува македонскиот јазик како колевка за сесловенската писменост. Така што, желбата за интернационализација заради сопствените проблеми од страна на Александар Вучиќ нема да успее и тој нема да може да се затскрие зад Русија и Кина, како што прави во последно време, особено не во однос на Македонија. Русија и Кина пред сѐ ги штитат своите интереси и не постои можност да ги изманипулира еден Вучиќ, кој малку се испозанесе. Доказ е необраќањето на Путин на собраната толпа за време на посетата на  Белград, на кое инсистираше Вучиќ.

 

Како би ги оцениле генерално односите на Србија со Македонија? Какви се односите на Белград со другите соседи? Дали Србија има вакви лоши односи само со нас или и со другите?

Вучиќ јавно подолг период го подржуваше Груевски и од тоа не отстапува. Интересно е колку се подржуваат автократските режими, оската Груевски, Вучиќ и Орбан. Вучиќ не сака да гради пријателства во регионот, при што најново е случувањето во Црна Гора, каде што најпрво им вети заштита на Србите, а потоа изјави дека нема да се меша во туѓи внатрешни работи!?

Односите со Македонија дури излегоа од рамките на коректноста од српската страна и според мене само со промена на власта во Србија ќе имаме навистина пријателски односи, што е и нормална желба на нашите народи.

 

Од ваша перспектива, опасни ли се случувањата во Црна Гора за регионот и колку за ескалацијата таму е одговорна владата во Подгорица, а колку политиката на Белград?

Ова е исконструиран вештачки проблем. Мило Ѓукановиќ е во добра комуникација со Вучиќ и, ако сте забележале, никогаш во минато не бил нападнат од кого било од владејаката СНС. Проблемот сакаат да го претстават како црковен, но ја губат контролата, бидејќи не можат лесно да го манипулираат народот. Сега немаат излез од состојбата. Не очекуваа огромна масовност, така што сега не знаат што понатаму.

 

Како ваквиот став на српската влада кон Македонија влијае на нашето малцинство ? 

Со некоректен однос кон Македонија се продолжува непочитувањето и на нашето малцинство во Србија. Српската напредна странка грубо и директно се вмеша во изборите на Национален совет на Македонците во Србија, каде што со своето партиско гласачко тело обезбеди електори и избра Нционален совет што може да го контролира. Тоа е  голем проблем за нас сега во Србија, а доказ е нереагирањето на овој Совет на нападите од страна на Вулин со кои го омаловажуваше македонскиот јазик. Основна работа на Националниот совет е зачувување на јазикот и културата, а тој не реагира, иако флагрантно ни е нападнат токму јазикот како непризнаен наводно од никого освен Србија, иако е признаен од ОН, што е најбитно.

Какви се вашите проценки за изборите во јуни? Како се одвиваат кампањите со оглед на епидемијата и очекувате ли промени? Ќе учествува ли вашата партија?

Многу му се брза на Вучиќ бидејки рејтингот нагло му падна, а само тоа го интересира. Во Србија немаше преговори за датумот за избори кои се закажани за 21 јуни. Сѐ уште не е потврдено дека ОБСЕ ќе ги набљудува изборите и апсолутно не се обезбедени услови за фер избори. Тотална е контролата од власта врз сите медиуми со национална фреквенција, популизмот доминираше и за време на пандемијата, но незадоволство во земјата е огромно.

Тропањето со тенџериња, како форма на граѓански протест што се случува сега во Србија, покажа колку е масовно незадоволството, а власта бидејќи нема одговор, прави сѐ повеќе погрешни чекори. Собирот пред Собранието пред неколку дена, што беше организиран од СНС, говори колку во оваа партија ја загубиле ориентацијата и дека единствено што им е битно се изборите и останувањето на власта. Опозиција сѐ уште е на став да ги бојкотира изборите, така што ќе излезе мал дел од лажната опозиција.

Ние како партија мора да го следиме поширокиот национален интерес, така што мнозинството засега сме за бојкот на изборите. Ние не можеме да ѝ дадеме легитимитет на власт која не нѐ почитува, ниту нас како малцинство, ниту нашиот јазик, ниту матичната татковина Македонија. Барањата на опозицијата се легитимни, слично како и во Македонија, кога изборите се одлагаа и се протестираше. Единствено од опозицијата имаме гаранција дека ќе се сменат односите кон нас како малцинство и ќе се проверат незаконските случувања во узурпираниот Национален совет. Ние ќе даваме подршка само на тие што ќе градат пријателски односи со матицата Македонија, бидејќи сме Партија на Македонците.

 

Кои се реално најблиските партнери на Србија во моментов? САД, Русија, Кина, Орбан... Беше ли толку голема руската и кинеската помош колку што читавме во тамошните медиуми

Претседателот Вучиќ најмногу е заинтересиран да добие подршка од „големите“ и често ги менува ставовите. Нема конзистентна надворешна политика и тоа Европа го препозна. Сѐ што прави е во функција на личен популизам, нема изградена државна стратегија. Тешко поминува менувањето на ставот дали е за ЕУ или не е, односно политиката на топло-ладно. Преголема важност даде на помошта од Кина која беше симболична во првиот авион, а ја минимизираше помошта од ЕУ, што му е забележано. Повеќе ни самиот не знае како понатаму, бидејќи ја изгуби подршката од ЕУ, а Русија официјално се изјасни да нема да се меша во внатрешните работи на Србија. Поддршката што ја има од унгарскиот премиер Виктор Орбан не значи ништо и дури е контрапродуктивна, така што почнува да се гледа крајот на овој тоталитарен режим во Србија.

Наклонетоста кон Кина исто така ќе биде лошо протолкувана од САД, сега кога Вашингтон ги заострува односите со Пекинг, но тука веќе нема простор за манипулација од страна на Вучиќ.

 

Каква е состојбата со медиумите сега во Србија? Колку може да им се верува?

Тоталната контрола на медиумите во Србија е голем проблем и на таков начин Вучиќ се одржува на власта. Има многу малку независни медиуми, така што информациите многу тешко допираат до јавноста. Благодарен сум на македонските медиуми што ни посветуваат внимание на нас како македонското малцинство во Србија, инаку не би имале каде да ги кажеме нашите проблеми. Огромен е бројот на лажни наслови и фејк вести во Србија, која со тоа предничи, што не остана незабележано од „Фридом хаус“. Во тоа лежи одговорот како успеа еден ваков тоталитарен автократски режим толку долго да се одржи на власта.