Големите партии ќе кешираат милион евра по сезона


Новиот предлог-буџет, кој треба да се донесе до крајот на годината, ќе покаже колку точно пари од џебот на граѓаните ќе бидат потрошени за предвремените парламентарни избори, иако сумата, според проценките, не би требало значајно да се разликува од сумата од 7,5 милиони евра кои беа потрошени на последните парламентарни избори во 2016 година.

Партиите, кои се гледаат под око кога ќе се спомене некаква реформа и кои со месеци не можат да се договорат околу закон за јавно обвинителство, да не зборуваме за изборот на прв човек на Заводот за ревизија – институција задолжена за контрола на трошењето државни пари, многу лесно си дадоа рака за нови избори. Така беше и лани кога беа донесени измените на Законот за финансирање на политички партии и на Изборниот законик, кои беа усвоени во Собранието без дебата, врз основа на меѓупартиски договор.

Со измените се скрати висината на донациите за партиите (физички лица од 150 на 60 просечни плати, граѓанин од 75 на 30), се овозможи финансирање со кредит, а се зголемија средствата што тие ќе ги добиваат од буџетот за отприлика два и пол пати – од 0,06 проценти на 0,15.

Во 2017 година, само по основа на обезбедени мандати или освоен 1 процент од гласовите, се одвоени 1,7 милиони евра од државниот буџет, при што најголем прилив добиле ВМРО-ДПМНЕ – 407.000 евра и СДСМ – 294.000 евра.

Според Законот за финансирање на партиите, 30 отсто од средствата за финансирање на партиите се распоредуваат подеднакво на сите политички партии што освоиле најмалку еден процент од вкупниот број гласови, а 70 отсто сразмерно на бројот на избрани пратеници. При евентуален сличен скор на претстојните избори во април наредната година и сличен буџет на оној од 2018 (3,4 милијарди евра) или 2019 (3,7 милијарди евра) на сметката на двете најголеми партии по изборите, според пресметките, ќе легнат неколку стотина илјади евра повеќе и не е исклучено тие опасно да се доближат до сума од милион. Станува збор за суми што се примаат секоја година, а не еднократно.

Пред претседателските избори годинава беа направени и измени во Изборниот законик. Беше укинат членот кој предвидуваше паричен изборен надомест од 15 денари по добиен глас за кандидат за пратеник, кандидат за член на совет, односно кандидат за градоначалник, но партиите си обезбедија од буџетот покривање на трошоците за рекламирање во телевизиите, весниците, интернет-порталите, радијата, додека останатите трошоци за митинзи, билборди или изборен материјал и натаму се нивна обврска. Партиите го бранеа ова решение со тезата дека на тој начин ќе се ограничат средствата што ќе се трошат во кампањите, како и дека ќе се намали корупцијата во медиумите. Но општиот впечаток е дека е оставен простор за огромни манипулации, пред сè кога е во прашање рекламирањето во медиумите и со тоа (зло)употребата на државните пари. Во вакви услови изборите им се како дуќанче за заработување големи пари, па не е ни чудо што ги имаме секоја година.

Исто така, во членот 84 од Изборниот законик се наведува дека при „финансирањето на изборната кампања, учесникот во изборната кампања може да потроши најмногу до 110 денари по запишан избирач во изборната единица, односно општината за која има поднесено листа на кандидати, односно листа на кандидат во првиот и вториот круг на гласање“.

Тоа конкретно за претседателските избори значеше дека секој од кандидатите ќе може да смета на комплетната сума, бидејќи Гордана Силјановска-Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река атакуваат на секој од запишаните над 1,8 милион гласачи. Секој од тројцата кандидати за претседател на државата можеше да потроши максимум по 3,3 милиони евра во кампањата или вкупно 10 милиони. Сега тие пари ќе се поделат на повеќе делови со оглед дека станува збор за парламентарни избори во кои учествуваат повеќе политички субјекти.

Јасно е дека партиите имаат и огромни трошоци, но со оглед на тоа дека контролата на трошењата е несоодветна, теоретски голем процент од тие пари можат да се слеат за други цели. Според официјалните податоци, на последните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ била партијата со највисоки трошоци (околу два милиони евра), а потоа следува СДСМ со нешто повеќе од еден милион евра. Сумите се високи, но она што конкретно ќе го потрошат овие политички субјекти за време на изборната кампања, според новите законски регулативи, неколкукратно ќе го наплатат од џебот на граѓаните во периодот до следното нивно изборно соочување.

На една од дебатите кога се носеше новиот Закон за финансирање на партиите министерката за правда Рената Дескоска истакна дека листата на годишно финансирање што се изготвува во Министерството сочинувала 56 политички партии кои се финансирани од буџетот на државата.

Таа додаде дека надвор од овие средства, од буџетот се издвојуваат и 280 илјади евра за годишно финансирање на партиско-истражувачки аналитички центри кои се формирани во политичките партии со цел да се овозможи истражувачка димензија и поаналитичко работење на политичките партии. Тоа е идеја реализирана во 2013 година во времето на вмровската влада на Никола Груевски. Но и натаму е во сила и покрај жестоките критики во јавноста дека е неприфатливо граѓаните преку буџетот да финансираат партиски аналитички центри, дека законот е дискриминирачки и спрема помалите партии, но и кон независните политички и економски истражувачки центри. (Н.К.)