Големиот Иван Поповски се враќа на „Охридско лето“ со „Татко“


Фото: Б. Грданоски

Режисерот Иван Поповски, кој веќе 30 години живее и работи во Москва и стана еден од најомилените и најнаградувани театарски режисери во Русија, се враќа на „Охридско лето“ на 13 јули, во Центарот за култура „Григор Прличев“, со премиерата на „Татко“ , од Флоријан Зелер, со избран актерски тим и импресивна сценографија, заедно со основачот  на продукцијата „Театарот на еден актер“ Бајруш Мјаку.

Воедно, со ликот на Таткото, Мјаку ќе ја заокружи својата блескава 53-годишна театарска кариера.

„Одлуката да го реализирам овој проект, односно да ја заокружам мојата 53-годишна уметничка кариера, беше болна – исто толку колку и ликот на Таткото во драмата „Таткото“ од Флоријан Зелер, кој во поодмината возраст боледува од болеста на заборавањето – Алцхајмер. Покрај исклучителната театарска вредност на текстот, сметам дека со овој материјал отвораме едно мошне актуелно прашање што го зафаќа целиот свет и сè повеќе ни се приближува – Алцхајмеровата болест“, вели Мјаку.

Во претставата која трае 130 минути,  играат и Амернис Нокшиќ, Фисник Зеќири, Сабина Мемиши Асланај, Мелика Кастрати и Флакрон Алији. Сценограф е Енес Деари, а костимограф Изет Цури.

Во 2001 година кога  бил воведен нов сценски простор – Античкиот театар,  бил прикажан премиерниот проект „Маседуан“ на Иван Поповски. Оттогаш, свеченото отворање на фестивалот традиционално се одвива на оваа локација (на 12 јули), а свеченото затворање е на 20 август.

„Трубадур“ на Иван Поповски во НОБ беше спектакл (фотогалерија)

Големиот Иван Поповски (1969, Скопје) награден со одличја од рускиот претседател, од критиката, од повеќеилјадната руска публика, со  највисоките признанија, Златна маска, Ѕвезда на Русија, со секое негово доаѓање во земјава не заборава да го спомне Лагадин каде што одмара, и Охрид, апелирајќи за нивна заштита.

„Охрид треба да се смета како свето место за планетата, не во религиозна смисла. Таму треба да е тишина, да владее мирот, тоа може да е и во преносна смисла. Треба на раат да се остават природата и животните, не зборувам  само за Блатото, Лагадин, Галичица, туку и за градот, кој веќе нема мир. Треба да се стопира сѐ што се гради и што се планира. Треба да биде тишина. Ние сме среќни што го имаме тоа место, а не некој друг. Некои други биеле војни за него, а ние го имаме и можеме сами да го уништиме од глупост. Се надевам дека ќе се најдат разумни луѓе кои ќе ги отрезнат оние кои се зашеметени од краткоречен финансиски интерес. Кога зборуваме за Охрид, зборуваме за вечноста“, кажа во една прилика, Поповски.

Во 2007 година претседателот на Република Македонија го одликува Иван Поповски со почесната титула Амбасадор на културата на Република Македонија во Руската Федерација. Во 2008 година рускиот претседател Дмитриј Медведев потпиша указ со кој Поповски се наградува со медалот „Пушкин“ за значаен придонес во зајакнувањето на руско-македонските односи и популаризацијата на руската култура и јазик. (Л.С.)