„Трубадур“ на Иван Поповски во НОБ беше спектакл (фотогалерија)


Операта „Трубадур“на Верди, опишана како „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“ синоќа во НОБ доживеа овации од публиката од сите сфери на живеење. Ја постави домашна и странска екипа:  славниот Иван Поповски со кариера во Русија, како режисер , славниот сценограф од Србија Миодраг Табачки, Марија Пупучевска како костимограф, и кореографија на Саша Евтимова. Диригент беше Енрико Довико (Италија), во улога на Ацучена настапиСања Анастасиа (Србија), а на Манрико, Зоран Сотиров.

„За првпат имаме можност да соработуваме со Поповски. Посебно ни е драга соработката со Иван, како наш врвен светски режисер“, потенцираше на пресот во Скопје, директорот Васе Ристов. 

Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении, и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот, беше среќен што ќе ја режира првата опера во Македонија, 11-та во неговата кариера. 

Режисерот Иван Поповски синоќа на премиерата на „Трубадур“

„ Операта е врв на сценската уметност, а за музиката во ова Вердиево дело дека е генијална и космичка. Театарот пробува да објасни, приближи, да материјализира и да спушти на земја, а музиката лета и е неопиплива. И тоа е судир, тежок спој во кој операта е во опасност да умре уште пред да се роди. Многу ретко се случува двајцата лидери – диригентот и на режисерот,  да се спојат во хармонија. Во последната деценија главен е режисерот кој не обраќа големо внимание на музиката и тоа е на штета на музиката која во ова дело на Верди е генијална и космичка, изјави Поповски, кој ги вршеше пробите на релација Скопје- Москва. Она што него го инспирира тематски е, рече, борбата меѓу највозвишеното и најпримитивното.

Последен пат Поповски во Македонија режираше во 2015, кога во МНТ ја постави претставата „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков. Во 2017 дојде во Скопје со фестивалот „Иван се враќа дома“ со три негови исклучително скапи и технички комплицирани претстави, во продукција на матичниот театар „Мастеркласаја на П. Фоменко“.

И славниот сценограф Табачки рече дека е даден максимум во однос на средствата и можностите на Операта во реализација на сценографијата која е во втор план во однос на музиката на Верди. Задоволен е што на програмата на Мајските оперски вечери годинава се две претстави со негови сценографии – покрај „Трубадур“, тој е автор и за сценското решение во балетот „Заспаната убавица“ на 15 мај.

-Секогаш се трудам да направам најдобро, а тоа зависи и од можностите, од финансиите и од опременоста на театарот. Мислам дека Операта на НОБ, исто така, даде се од себе и дека оваа опера заслужено ќе биде на фестивалот. Како и за сите други опери што ги имам работено,  решението за сцената го формирав според жанрот. Мислам дека визуелно реализмот е поинаков во оперски и музички претстави отколку во драмските. Во операта женровски го следите стилот на музиката, но тоа да не пречи на самата изведба на музиката која во оперските претстави е многу поважна од визуелните компоненти, истакна Табачки.

Премиерата на „Трубадур“ , опера во 4 чина, по либрето на  С. Камарано, според истоимената драма на А. Гутјерес, била една од најуспешните кај Верди, проследена со овации кај публиката, прв пат изведена во 1853 госина во Рим. Иако сижето на операта е крајно сложено и не секогаш логично, Верди го “облагородува” со својата музика, нагласувајќи ги суштествените акценти на драмата. Тоа е, пред се, спротиставувањето на слободниот табор на циганите и суровото насилство на грофот Луна. Незалудно мелодиите на циганските песни и кабалетата на Манрико од оперската сцена се префрлиле на градските улици, претворајќи се во патриотски песни. Целата опера е проткаена со особен мелодиски раскош и вдахновение а некои музичко-драматуршки ефекти (на пример, спојувањето на повеќе планови на дејството во Мисерере од четвртиот чин) отвараат нови перспективи во музичкиот театар.

Мајските оперски вечери ќе траат до 31 мај, до кога ќе се изведат и балетот „Заспаната убавица“ од П. И. Чајковски (15 мај), за прв пат операта „Валкира“ на Рихард Вагнер (18 мај), со Софиската опера и балет, „Тоска“ од Пучини (23 мај)„ со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, домашна екипа и гости од Србија и Романија, камерната опера „Свадба“ (28 мај) со Словенечки камерен музички театар од Љубљана, и традиционално „Аида“ за свеченото зтаворање (31 мај), со солистка од Австрија во насловната улога (Моника Медек) и гости од Кина, Италија и Бугарија. Диригент на „Аида“ ќе биде Нимрод Дејвид Фефер од Израел –диригент во престижната опера „Метрополитен“ во Њујорк.

Репризата на „Трубадур“ е на 11 мај кога во екипата ќе има странски солисти (Канада и Чиле), а диригентот ќе биде домашен (Иван Еминовиќ). 

Фото: Марко Угарковиќ

Сцена од операта „Трубадур“