„Килибар и младост“ – промоција на новата поетска збирка на Гордана Михаилова Бошнакоска
Гордана Михаилова Бошнакоска, една од најмаркантните македонски
поетеси, во среда, на 22 мај 2024 год. во 19:19 часот, во Салон Империјал 1, на КИЦ, ќе ја промовира најновата поетска збирка „Килибар и младост“, во издание на „Макавеј“.
Збирката ќе ја промовираат Бранко Цветковски и Гоце Смилевски, а стиховите ќе ги кажуваат артистите Софиа Насевска Трифуновска и Борче Начев.
Оваа нова поетска обзнана на реномираната поетеса е проследена со предговор на поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски и со поговор на писателот Гоце Смилевски.
Во предговорот на Цветкоски, меѓу другото, се потенцира:
– Во „Килибар и младост“ оваа ретка поетеса нѝ се обраќа од
килибарниот светлосен свет на нејзината меморија и преку илузијата на
сонот, нѝ поставува на пребогатата лирска трпеза изобилство нестивнати
емоции, прележани мудрости просеани низ најситното сито на личното
векување и се збиднува фанкционален ментален смолест спој. Нема
дистанца меѓу појавното и сонуваното, растојанието е совладано,
лирскиот тон се опредметува и преминува во нашите прсти со
диктирачката имагинација – а ние, читајќи, само го продолжуваме
траењето на илузијата. Таков е овој маестрално стокмен удар на
Горданината лирска етида, како музика што ги збрала сите времиња, во
едно – во нашето, сегашното, единствено и миговно вечно време.“
Со оваа збирка Гордана Михаилова Бошнакоска го продолжува успешниот
залет од претходната стихозбирка „Мед и младост“ со која најави
своевидна фигуративна бура во рамките на секогаш компактниот краток
простор на нејзината лирска песна. Третата како проект ќе го носи насловот „Маслина и младост“, која треба да излезе следната година. Проектот е прв во македонската поезија како поетска трилогија.
Во трите делови од оваа трилогија препознатлив е ракописот на поетесата која со години, како што вели таа, го брусела зборот кој ќе ја изгради содржината на песната. Во нејзината поезија, песната одразува настан(и ) кој од една во друга песна ја гради целосната содржина на збирката, а во исто време секоја од нив го живее соптсвениот живот. Во поетската трилогија е застапен елементот кој ја гради идејата на авторката, за постојаноста на младоста, така што во „Килибар и младост“, младоста е заробена во вековниот килибар, како невидлива силуета што постои во некој друг органски вид.
Гордана Михаилова Бошнакоска е родена на 1 септември 1940 год. во Битола. Студирала на Филолошкиот факултет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Пишува поезија, проза , есеи за литература и уметност (сликарство и скулптура). Има објавено петнаесет збирки поезија првата ВРЕМЕТО ГО НЕМА 1965, а најновата МЕД И МЛАДОСТ 2023. Наградата Браќа Миладиновци ја доби за збирката ПЛАНИНИ ОД КАРТОНСКИ КУТИИ, наградата ,,Ацо Шопов,, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, ја доби за збирката ПЕСНА НА РИДОТ, како и наградата ,,Празник на липите“. Застапена е во сите поетски антологии во Македонија и странство, како и во панорамски прикази. Преведени се нејзините песни на сите светски јазици. Поединечни преводи се објавени на нејзини поетски избори како и збирката ТОЛКУВЊЕ НА МОРЕТО. Од Македонија застапена е во антологијата ,,13 Ѕвезди на словенското небо,, што ја издаде Словенската акдемија за литература и уметност од Варна ( Бугарија), каде е и нејзин член и носител на највисокото признание ,,Големо летечко перо,, за целокупно творештво. Македонската ТВ има снимено две емисии за нејзината поезија и проза, како и Македонското радио ја застапи во звучната антологија на македонската поезија. Носителка е на признанието Витез на пишаниот збор како и на највисокото признание на ДПМ ,,Книжевен жезол,, за целокупно творештво. Ги има објавено збирката раскази БОСФОРСКО ЛЕТО и романот ПОТРАГА ПО ПРИКАЗНА. Настапувала на бројни литературни манифестации во Македонија и во странсто. Добитничка е на стипендијата Фулбрајт со престој во САД. Застапена е во изданијата за литература од Министерството за култура на Македонија (р. бр. 50) , како и во македонската енциклопедија. За нејзиното творештво пишувале многу македонски автори од сите генерации, како и автори од други земји.