Голем прекин на електричната енергија во Кан. Се сомнева дека некој го подметнал пожарот

Голем прекин на електричната енергија во јужниот француски град Кан го наруши последниот викенд од меѓународниот филмски фестивал, а полицијата се сомнева дека станува збор за подметнат пожар. Околу 160.000 домови во крајбрежното одморалиште и соседните општини се погодени од прекин на електричната енергија од околу 10 часот наутро во саботата, по пожар што избувна ноќе во електрана, објави операторот на електрична мрежа RTE на X.
Се верува дека пожарот во општината Танерон е намерно подметнат, изјави портпаролката на полицијата. Сепак, таа не можеше да каже дали постои врска помеѓу инцидентот и филмскиот фестивал.
Фестивалската палата има сопствено независно напојување со електрична енергија, па фестивалската програма во голема мера продолжи како и обично. Сепак, филмските проекции во „Синеум“, мултиплекс кино лоцирано надвор од центарот на градот, беа прекинати.
Церемонијата на доделување на наградите на филмскиот фестивал ќе се одржи како што е планирано во сабота навечер, соопштија организаторите. Тимови од RTE и добавувачот Enedis работат на обновување на мрежата. Француските медиуми, повикувајќи се на РТЕ, соопштија дека сè уште не е познато кога ќе бидат завршени работите.
Канскиот филмски фестивал се смета за најважен филмски фестивал во светот, заедно со Венецискиот филмски фестивал. Оваа година, 22 филма се натпреваруваат за главната награда, Златната палма.