Голдман Сакс предвидува долгорочен тренд на пораст на цените на бакарот


Аналитичарите на Голдман Сакс предвидуваат дека сме на почетокот на долгорочен нагорен тренд на цените на бакарот.

Цените на бакарот во вторникот се искачија на највисоко ниво од март 2013 година, достигнувајќи 7.719 американски долари за метрички тон по поголемата производствена активност во однос на очекуваната во Кина и Јужна Кореја.

Металот во меѓувреме забележа добивка на тримесечните фјучерси (термински договори) на бакар на берзата за метали во Лондон кои денес скокнаа на 7.626 долари за метрички тон.

Бакарот, кој се користи во многу индустрии, од производство на електрична енергија до градежништво, поскапе за повеќе од 22 отсто оваа година, со темпо што е најдобро за него од 2017 година. Зголемувањето на цените е поттикнато и од прекините во снабдувањето, надежи за „зелени“ економски стимулации и брзото закрепнување на Кина од корона кризата.

„Биковиот пазар на бакарот е во полн ек, а цените се зголемија за 50 отсто во однос на најниските нивоа во 2020 година, достигнувајќи го највисокото ниво од 2017 година“, велат аналитичарите на Голдман Сакс во истражувањето во понеделникот.

„Сегашното ниво на цените не е ирационално отстапување, туку ние на него гледаме како на прва делница од структурниот биков пазар за бакарот“.

Аналитичарите на Голдман ја зголемија целната 12-месечна цена на бакарот на 9.500 долари за метрички тон, во споредба со претходната проценка од 7.500 американски долари.

Банката од Вол Стрит порача дека сега очекува одржлива, повисока просечна цена за 2021 и 2022 година. Проценува дека цените на бакарот следната година во просек ќе се движат околу 8.625 американски долари, пред да се искачат на просечно ниво од 9.175 долари во 2022 година.