Голдман Сакс: Една четвртина од сите работни места во ЕУ може да ги извршува вештачката интелигенција


Околу 300 милиони работни места со полно работно време ширум светот би можеле на некој начин да се автоматизираат со најновиот бран на вештачка интелигенција што предизвика платформи како Чет Џи-Пи-Ти (ChatGPT), според економистите од Голдман Сакс.

Тие предвидоа дека 18 отсто од работата на глобално ниво може да се автоматизира, а ефектите ќе се почувствуваат повеќе во напредните економии отколку на пазарите во развој.

Ова е делумно затоа што канцелариските работни места се сметаат за повеќе изложени на ризик од физичките работници. Административните работници и адвокатите се очекува да бидат најмногу погодени, во споредба со „малиот ефект“ забележан во физички напорните професии или професиите на отворено, како што се градежните и услужните работи.

Во Соединетите Американски Држави и Европа, приближно две третини од тековните работни места се „изложени на одреден степен на автоматизација на вештачката интелигенција“, а до една четвртина од сите работни места може целосно да ги извршува вештачката интелигенција, проценува Голдман Сакс. Понатамошната употреба веројатно ќе доведе до губење на работни места, пренесува Пословни.хр.

Се забележува дека технолошките иновации кои првично ги потиснуваа работниците, создадоа раст на вработеноста на долг рок. Иако работните места можеби се менуваат, широката употреба на вештачка интелигенција на крајот може да ја зголеми продуктивноста на трудот и да го зголеми глобалниот БДП за 7 проценти годишно во следните 10 години, според Голдман Сакс.

„Иако влијанието на вештачката интелигенција на пазарот на трудот веројатно ќе биде значајно, повеќето работни места и индустрии се само делумно изложени на автоматизација и затоа е поверојатно да се надополнат наместо да се заменат со вештачка интелигенција“, додаваат економистите.

Британската агенција за истражување на пазарот Сортлист анкетираше 500 компании кои користат „Чет Џи-Пи-Ти“ од Обединетото Кралство, Белгија, Германија, Шпанија, Холандија и Франција уште во февруари, пред објавувањето на најновата верзија на GPT-4. Резултатите покажаа дека 26 отсто од европските технолошки компании и 22 отсто од финансиските компании планираат да ги намалат работните места како директен резултат на користењето на Чет Џи-Пи-Ти.

Работните места во маркетингот и односите со јавноста се најзагрозени, а половина од анкетираните технолошки фирми се подготвени да плаќаат повеќе од 500 евра месечно за професионалната верзија на Чет Џи-Пи-Ти. Поради најавата дека Чет Џи-Пи-Ти ќе им ги одземе работните места, групата милениумци е најзагрижена, а од тоа стравуваат дури 43 отсто од анкетираните родени меѓу 1965 и 1980 година.