Годинава нема закон за предвремено пензионирање


Министерството за труд и социјална политика во моментот не работи на законско решение за предвремена пензија со откуп на стаж. Тоа е оставено за наредната година, откако ќе се направат детални анализи, изјави денес министерката Јагода Шахпаска во одговор на новинарско прашање. Таа објасни дека акцентот годинава е ставен на законот за недела неработен ден и системскиот Закон за работни односи кои бараа повеќе време и поголем ангажман.

-Оваа година наш таргет се овие закони, Законот за работни односи, каде ќе биде вграден и недела неработен ден и Нов закон за бебедност и здравје при работа, истакна Шахпаска и потенцира дека треба да направат темелна анализа, за да се види какво знаење ќе има таквото законско решение врз веќе стабилизираниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување.

Инаку, таа очекува дека законското решение за одење во пензија на 64 години, кое е во собраниска процедура, да биде одблокирано, односно да бидат повлечени поднесените 482 амандмани.

-Законското решение со кое се предвидува одење во пензија на мажите и жените на 64 години се наоѓа во Собрание. Го предложија пратениците и во изминатиот период имаше 482 амандмани. Ова е системски закон кој според моите сознанија ќе биде деблокиран и ќе продолжи собраниската процедура, рече Шахпаска.

Министерката додаде дека законот предвидува одење во пензија на 64 години и за мажите и за жените и 15 години работен стаж, но дека доколку жените сакаат може да поднесат барање за да се пензионираат на 62 години возраст.

Во однос на измените на Законот за работни односи каде се дефинира неделата за неработен ден, посочи дека паралелно се оди на измени на Законот за трговија, каде е прецизирано дека ќе работат моловите во една смена од 10 до 18 часот со претходно добиена лиценца и предвидена 100 проценти повисока дневница за оние што ќе работат и право на неделен одмор, како и уплата на два отсто од остварениот промет во Буџетот на РСМ, за кој проценката е дека би изнесувал 1,2 милиони евра.

Исклучок, како што рече, се угостителските објекти, кои ќе работат во недела бидејќи тие во недела се место каде се воспоставува баланс меѓу приватниот и професионалниот живот.