Гоце Делчев, сепак, ќе почека


Фото: Б. Грданоски

Вонредна средба на заедничката Комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, на која би се забрзал процесот за решение на недоразбирањата околу ликот и делото на Гоце Делчев, нема да има. За тоа не постојат технички услови, а нема ниту потреба од такво нешто, вели за „Независен весник“ Драги Ѓоргиев, шеф на македонскиот тим во комисијата.

Претходно сопретседателот на бугарската страна во комисијата, Ангел Димитров, ги повика македонските историчари на вонредна средба кон крајот на август на место кое тие ќе го одберат, а ако сакаат, како што рече, може и на некое одморалиште во Бугарија. Повикот дојде само еден ден откако бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје реши да се стави во улога на политички акцелератор на комисијата, барајќи од неа поинтензивни средби со цел до октомври да се најде компромис за Гоце Делчев, кога ЕУ треба да се наврати на одлуката за датум за преговори за нашата земја.

Тој беше дециден дека од тоа зависи и евентуалното вето за датумот за Македонија во ЕУ од страна на владата во Софија, но дека посакуваат да избегнат вакво сценарио по секоја цена.

„Тоа прашање мора да се реши. Кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено меѓу комисиите, тогаш ние во Бугарија ќе решаваме што треба да се прави. Ова сценарио сакаме да го одбегнеме по секоја цена“, изјави Борисов на новинарско прашање во врска со неговата изјава дека „северномакедонскиот претседател е првиот северномакедонски политичар кој изјавил дека Гоце Делчев е Бугарин“. Во политичката јавност неговите изјави беа протолкувани како „неприфатлива уцена со Делчев“.

„Технички е неизводливо да имаме вонредна средба пред договорениот термин на 12 и 13 септември, а не гледам ниту суштинска потреба од такво нешто. Дел од членовите веќе се или треба да одат на годишен одмор, дел од нив, пак, имаат професионални ангажмани. Лично јас сум на одмор од 15 август, а потоа заминувам на научна конференција во Букурешт. Вчерашниот јавен повик јас го доживеав како повик на двобој, да избереме место и време и да се соочиме, што мислам дека станува контрапродуктивно. Се остава впечаток дека ние се наоѓаме во некоја перманентна битка која треба што побргу да се заврши и некој да ја добие таа битка, а не дека станува збор за академски процес во кој треба да се дискутира и на некои работи да им се остави простор и време да зреат, па да се донесе некое решение“, вели универзитетскиот професор Ѓоргиев.

Неговиот став околу Гоце Делчев како и за другите важни историски личности за кои веќе се постигна договор за заедничко чествување (Григор Прличев, браќата св. Кирил и св. Методиј, св. Климент и св. Наум, Цар Самуил) е јасен – доколку се надминат националната ексклузивност и посесивност кон минатото, историските личности можат да добијат поврзувачка, инклузивна улога.

„За да се најде компромис за Делчев, не треба да се инсистира на неговиот идентитет, туку да се потенцира значењето што го има Делчев за двата народа. Во крајна линија, воопшто не е важно што бил тој во однос на нашата конкретна цел и одлука. Тоа прашање и натаму ќе го толкува историографијата. Нашата цел сега е да го приближиме наративот со што ќе се релаксира атмосферата  таму и тука и ќе ѝ се покаже на јавноста дека ништо страшно не се случува. Навлегувањето во идентитетското прашање за Гоце Делчев може комисијата да ја доведе во ќор-сокак. Не може а приори да се стави рок за прашањето веднаш и сега да се реши заедничкото чествување на Гоце Делчев“, вели Ѓоргиев.

Уште од формирањето на комисијата, се чувствува притисокот од политиката овие прашања да бидат решени што побргу. На прашањето за Гоце Делчев комисијата почна да работи во март, а следниот состанок според предвиденото ќе го има во септември. Согласноста околу заедничкото одбележување на неколку важни историски личности се постигна по долги разговори и отворени академски дискусии и благодарение на подготвеноста на двете страни да се постигне усогласеност.

„Беа разгледани бројни извори, литература, факти, аргументи, потоа со соодветна теоретска методологија беше анализиран политичкиот, социјалниот, културниот контекст во време кога тие дејствувале, нивното значење за македонската и за бугарската култура, начинот на кој тие ги поврзуваат македонскиот и бугарскиот народ и сл. За светите браќа Кирил и Методиј од извонредна важност беше нивното големо значење воопшто за европската цивилизација и култура, а за Прличев неговото значење во поширок балкански културолошки контекст, со оглед на неговото творештво на грчки јазик и добивањето на престижната награда во Атина во 1860 година“, ќе изјави Ѓоргиев.

Неговиот став дека не може да се национализираат свети Климент или свети Наум, или браќата Кирил и Методиј, всушност, е формулата за тоа како на едноставен и рационален начин може да се дојде до решение за спорните прашања.

„Тие се христијански просветители, духовни лица на кои не може вие да им дадете националност. Тие дејствувале во одредени држави, во Византија и во бугарската средновековна држава, меѓутоа нив тоа не ги прави ниту Бугари, ниту Грци, ниту Македонци во современа смисла. Целта е да им се даде на идните генерации кои ќе учат од бугарските и од македонските учебници идеја за космополитизмот на тие луѓе, за некои општи вредности кои тие ги оставиле на следните генерации, а не да ги присвојуваме како теснонационални херои. Во таа смисла ќе одат и дискусиите околу учебниците“, ќе рече Ѓоргиев.

Јавната врева со зовриени емоции за тоа чиј бил Гоце Делчев не престанува. Примитивната кавга, која индикативно започна со изјавата на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, дадена по првиот состанок на заедничката меѓувладина комисија, дека нема компромис со вистината бидејќи Делчев е Бугарин, ги разбуди духовите од минатото, кои во суштина секогаш го движеле регионот наназад.

Заострената реторика и сè посилните звуци од ударите по масите, кои од различни места се слушаат од двете страни, дека со „Гоце нема трговија“ може да фрлат дамка на историскиот исчекор што го направија двете влади, но како што велат искусни дипломати, не може да доведат до таква политичка хаварија која би резултирала со блокирање на македонските евроатлантски перспективи. (Н.К.)

 

Не гледај назад, да не се сопнеш напред

 

Договорот за добрососедство, пријателство и соработка двете земји го потпишаа пред две години. Тој беше оценет не како вест на денот, туку на деценијата, со оглед на лабавите односи и недовербата на релација Скопје-Софија таложена со години. Премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев од македонската престолнина тогаш во еден глас извикаа: „Направивме историски чекор напред“, нагласувајќи дека мирот, соработката и добрососедството се поважни од сè.

„Не случајно луѓето велат: ‘Гледајќи назад, ќе се сопнеш и ќе паднеш’. Затоа одлучивме да гледаме напред. Резултатите ќе ги видите за некое време. Терминот заедничка историја е термин кој дава заеднички перспективи, а не разделби“, поентираше тогаш премиерот на Бугарија (претседавач со ЕУ минатата година) која се претвори во еден од најголемите лобисти на македонските евроинтегративни аспирации. Битката за Делчев сега предизвикува малку поинакви тонови.