Главниот спонзор „Лакост“ ќе бара одговори од Ѓоковиќ
Главниот спонзор на Новак Ѓоковиќ се огласи по неговото депортирање од Австралија. Ѓоковиќ денеска се врати во Белград, а набргу потоа се огласи и неговиот главен спонзор.
„Австралиските власти му ја укинаа визата на Новак Ѓоковиќ и затоа тој нема право на настап на Австралија опен. Затоа во првата прилика ќе стапиме во контакт со Новак Ѓоковиќ за заедно да поминеме низ сѐшто се случуваше во Мелбурн. На сите им посакуваме одличен турнир и им благодариме на организаторите за сѐ што направија турнирот да биде безбеден за сите учесници“, се вели во соопштението на Лакоста.
Според француските медиуми, познатиот производител на спортска и друга облека размислува да го раскине финансиски богатиот договор со Ѓоковиќ.
Медиумите во Франција побараа став на „Пежо“, производителот на швајцарски часовници Hublot и јапонскиот гигант за спортска облека Asics, но тие не коментираа.
Според магазинот „Форбс“, Ѓоковиќ има рекламни и спонзорски договори кои му носат 30 милиони долари годишно. Тоа го става на 46-то место во рангирањето на најплатени спортисти во 2021 година.