Гласен молк на денешниот Марш на ангелите во Кочани

Маршот на ангелите, протесна поворка на семејствата на настраданите во големата трагедија што се случи на 16 март годинава, денеска помина во молк, но таквиот молк одекнуваше силно по кочанските улици.
„Молк што зборува повеќе од илјада зборови. Но, нема да трае долго како вашето судење“, беше една од пораките на родителите на жртвите во пожарот во дискотеката Пулс, во кој настрадаа 62 лица, а повредени се повеќе од 190.
Од Јавното обвинителство денес соопштија дека обвинителите кои работат на предметот од следната недела ќе ги повикуваат родителите да се прилклучат кон кривичниот прогон. Најблиските на настраданите велат дека до сега не добиле таков повик, но доколку го добијат ќе одат во Обвинителството.

Родителите и роднините носеа фотографии од загинатите во пожарот. Маршот почна во 16 часот од Паркот на револуцијата, а потоа учесниците на маршот се упатија кон Трговскиот центар и општинската зграда, како и кон полициската станица, Обвинителството и Основниот суд.
Пред судот, родителите испратија заедничка порака, барајќи правда и поголема ажурност на институциите.