Гласањето му го „украде“ терминот на пребројувањето


Македонија нема среќа со пописот. Или се одложува или пропаѓа. Затоа, пак, добро ѝ оди со изборите. Се гласа речиси секоја година. Така, според најавите, ќе биде и во 2020 година, кога ќе се одржат исто така јубилејните десетти парламентарни избори, кои му го „украдоа“ терминот на пописот, кој првично беше планиран за април следната година.
Податокот дека за неполни 30 години плурализам во земјава се одржани 10 изборни циклуси за пратеници,шест претседателски избори, плус седум локални, покрај трите референдумски изјаснувања, доволно зборува за изборната „инвазија“ врз гласачкото тело. Од друга страна, последен пат беше спроведен попис во 2002 година, по безбедносната криза во земјава. Обидот за попис во 2011 пропадна, а голема е веројатноста и следната 2020 година да не биде пописна, иако во меѓувреме почнаа подготовките за одржување на статистичката операција во април, така што дури и се реализираше пробен попис во неколку општини во државата.
Сега во игра е опцијата за одложување на пописот за една година, односно за април 2021, која е пописна година во земјите членки на ЕУ. Од Државниот завод за статистика соопштија дека ќе дадат предлог до Министерството за правда, како предлагач на законот за попис, спроведување на операцијата да се пролонгира за април 2021 година, а законот за попис на населението, домаќинствата и становите да биде донесен пред формирање на техничката влада во јануари. Таа опција ја остави вчера отворена и премиерот Зоран Заев. Другата варијанта, според него, е пребројувањето на населението да се реализира наесен следната година, односно откако ќе завршат изборите за нов собраниски состав. Заев посочи дека ќе се почитуваат препораките од ДЗС и изрази уверување дека законот ќе биде донесен и дека проценката на Заводот за статистика ќе биде конечна.

– Без разлика дали ќе имаме попис во 2020 или 2021 година, законот треба и мора да го донесеме заради тоа што пробниот попис успешно помина и државата мора да има попис. Ја слушнав изјавата на евроамбасадорот Самуел Жбогар. Тој апелираше законот да се донесе, па да се одлучи дали пописот ќе биде следната година или во 2021 година. Знаете дека опозицијата имаше барања да се одложи пописот. Сега кога веќе одлучивме консензуално изборите да бидат во април 2020 година, ја губиме пролетта за одржување на пописот – изјави Заев.
Од друга страна, иако премиерот пред неколку дена ја отфрли можноста за одложување на изборите на 12 април, ако има потреба од завршување на процедурите за членството во НАТО, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, сепак, излезе деновиве со позиции дека опозицијата не прифаќа какво било пролонгирање на изборниот термин. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ниту евентуалното забавување на процедурите за ратификација на Протоколот за НАТО нема да биде пречка за изборно соочување. Според објаснувањето, и ако парламентот се распушти во меѓувреме, Уставот предвидува можност за негово свикување во вонредни случаи, за што било разговарано на последната лидерска средба.
– На средбата имаше експерти, професори од Правниот факултет, кои го потврдија истото, со оглед на тоа што во 2016 година имавме таква пракса и Уставниот суд има донесено одлука со која во случај на итни, неодложни и одредени ситуации е дозволиво Собранието одново да се свика и да донесе одредена одлука – рече Јанушев наспроти изјавата на Артан Груби од ДУИ дека лидерите се договориле ако процедурите за членство во НАТО не завршат до февруари изборите да бидат одложени.
И Заев вчера ја отфрли можноста за одложување на изборите. Објасни дека очекува процедурата за целосна ратификација на Протоколот за НАТО да заврши најдоцна 45 дена пред изборите. Затоа, според Заев, пожелно е парламентот да се распушти 45 дена пред денот на гласање, како најкус можен рок, согласно термините за спроведување на изборните дејствија. Во случајов тоа би значело кон крајот на февруари. Инаку, почетен рок во Уставот за распуштање на парламентот е 60 дена пред изборите што, пак, би значело околу 10 февруари.
-Протоколо,т откако ќе биде ратификуван од сите земји членки на НАТО, треба да дојде во нашето Собранието, каде што пратениците исто така ќе пристапат кон негово ратификување со што ќе се официјализира членството во Северноатлантската алијанса – објасни Заев.
Додаде дека треба да се земе предвид дека во Шпанија на 10 ноември се одржуваат избори, така што ни остануваат цел декември, јануари, па и февруари да се заврши процедурата за полноправно членство во НАТО, за што престојат уште три ратификации – во Франција, Холандија, и Шпанија. Францускиот Сенат го усвои во прво читање предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Останува документот да биде ратификуван и од Националното собрание во второто читање.
Независно од калкулациите што се развиваат деновиве за можно одложување на изборните термини, следната година и без тоа ќе беше изборна. Само што беше прашање дали овие избори, првпат од 2008 година досега, ќе бидат редовни или и тие ќе бидат предвремени. Одговорот дојде по француското „не“ во Брисел за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ. Веднаш потоа, Заев најави „брзи избори“, истапувајќи на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски со предлог за гласање на крајот на декември. Но инсистирањата на ВМРО-ДПМНЕ да се испочитува рокот од 100 дена за формирање техничка влада ги „одложи“ изборите за 12 април следната година. Според тоа, во периодот меѓу двата циклуси избори за пратеници – последниот и претстојниот, во земјава се одржаа уште три гласања, односно не помина година без гласање. Последните парламентарни избори се одржаа во декември 2016, во октомври 2017 година имаше локални избори, а во септември 2018 година се спроведе референдумот за името. Годинава во април и во мај се одржаа двата круга од изборите за нов претседател, така што „паузата“ до следното гласање – во април 2020 ќе изнесува едвај една година. Александра М. Митевска