Ѓоковиќ во финале на Вимблдон


Лондон– Новак Ѓоковиќ славеше во полуфиналето на Вимблдон, откако го совлада италијанскиот тенисер Јаник Синер со 3-0, по сетови 6-3, 6-4 и 7-6/4.

Вториот светски рекет силно го започна дуелот, а Синер имаше неколку неизнудени грешки, по што Ѓоковиќ направи два „брејка“ и рутински го доби првиот сет. Слична слика видовме и во вториот, но овој пат Синер остави малку подобар впечаток, иако го загуби сетот со 4-6. 

 

 

Третиот сет донесе многу поинаква слика на централниот терен во Лондон. Синер заигра за нијанса подобро, успеа да спаси три „брејк“ топки во третиот гем и поведе со 2-1. Потоа при резултат 5-4 стаса и до позиција да го освои сетот, имаше две шанси, но Ѓоковиќ успеа да го спаси својот сервис. Италијанецот продолжи со солидната игра и го освои следниот гем, но и Ѓоковиќ возврати во иста мера, по што сетот мораше да биде решен во „тај-брејкот“. 

Српскиот тенисер имаше за нијанса поголема концентрација, а Синер испушти прилика откако водеше со 2-1 во „тај-брејкот“. Искуството на Ѓоковиќ стапи на сцена и умешно го затвори сетот, а воедно и мечот со резултат 7-6/4. 

Ѓоковиќ не заборави и да ја „поздрави“ публиката која повторно навиваше во голема мера против него, а неговата реакција откако успеа да спаси две сет-топки на Синер, беше урнебесна. 

 

 

Во секој случај, одличен перформанс од Јаник Синер на овогодинешниот Вимблдон. Италијанецот направи голем успех со пласманот меѓу четирите најдобри, но немаше сили да стигне до мечот за титулата. Патник во големото финале е Новак Ѓоковиќ кој ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Карлос Алкараз и Данил Медведев. 

Мечот за титулата во машката сингл конкуренција на Вимблдон ќе се одигра в недела.