Ѓоковиќ: Се надевам дека еден ден ќе заминам како Федерер


Франција- Новак Ѓоковиќ изјави дека е мотивиран да ја пишува историјата на тенисот и дека еден ден ќе се повлече од овој спорт како што тоа го направи Швајцарецот Роже Федерер, пренесуваат француските медиуми.

Ѓоковиќ во интервју со поранешната француска тенисерка Марион Бартоли за „RMC Sport“ повтори дека зад себе има тешка година. Бартоли го праша српскиот тенисер дали мисли дека е најдобриот тенисер на сите времиња.

-Има многу параметри за кои треба да се разговара. Многу сум мотивиран да ја напишам историјата на нашиот спорт и оставам на другите да се расправаат околу тоа“, изјави Ѓоковиќ пред почетокот на Мастерсот во Париз, пренесува Танјуг.

Ѓоковиќ зборуваше и за одлуката на Федерер да се пензионира. Последниот натпревар во професионалната кариера Швајцарецот го одигра на Лејвер купот во септември.

„Беше уникатно искуство да се биде актер на тој настан. Неверојатно е што направи Роџер на теренот и надвор од него. Имам најголема почит кон него. Секако, на теренот тој ми беше ривал пред се. Јас сум професионалец, сакам да победувам. Но, таа вечер немаше ривалство, само неизмерна почит. Се надевам дека еден ден ќе заминам како Роџер. Беше тоа прекрасен момент“, изјави српскиот тенисер.

Ѓоковиќ оваа сезона настапи само на девет турнири.

„Првиот дел од сезоната и се што се случи во Австралија се чувствував како предизвик, тоа влијаеше на мене емоционално и психички, влијаеше на мојата игра. Сепак, успеав да го најдам тоа посакувано ниво и тоа се случи на крајот од сезоната на земјена подлога. Вимблдон секогаш доаѓа во вистинско време во мојата кариера. Кога ми треба голема доза самодоверба и голема титула, Вимблдон е секогаш тука“, призна Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер во кариерата шест пати го освојуваше Мастерсот во Париз.

Ѓоковиќ го задржа седмото место на најновата АТП листа, која беше објавена денеска. Ѓоковиќ собра 4.320 бодови, а во  Париз започнува Мастерс турнирот каде титулата ја брани .

Ѓоковиќ ќе биде слободен на стартот на турнирот, а прв ривал ќе му биде подобриот од мечот меѓу Аргентинецот Диего Шварцман и Американецот Максим Креси. Мастерсот во Париз се игра за награден фонд од 5,4 милиони евра.

Првата позиција и понатаму ја држи Шпанецот Карлос Алкараз со 6.730 бодови, додека втор е неговиот сонародник Рафаел Надал со 5.810.

По освојувањето на турнирот во Виена, рускиот тенисер Даниил Медведев се врати на третото место на АТП листата со 5.655 бодови, додека норвешкиот Каспер Руд падна на четвртата позиција, пренесува Танјуг.

Гркот Стефанос Циципас е петти, а Германецот Александар Зверев е на шестата позиција.

Канаѓанецот Феликс Огер-Алиасим по триумфот на турнирот во Базел стигна до осмото место на АТП листата, а во ТОП 10 најдобри светски тенисери се и Русинот Андреј Рубљев и Полјакот Хуберт Хуркач.

Кај другите српски тенисери, Миомир Кечмановиќ е 29-ти со 1.445 поени, додека Филип Крајиновиќ е 53-ти со 875 поени.

Ласло Џере напредуваше за три позиции и сега е 72. со 732 поени, додека Душан Лајовиќ, кој сега е 89. играч во светот со 611 поени, загуби две места.

Следната АТП листа ќе биде објавена за една недела.