Германски стручњаци: Речиси е невозможно да се заразите со корона на отворено


Деновите се сè потопли, сè повеќе време се поминува на свеж воздух. Дојче веле се распраша кај стручњаци колкави се шансите да се заразиме со корона вирус на отворено и дали треба да се држиме на страна од спортисти и пушачи.

Дали надвор е потполно сигурно?

Аеросолите, ситни честички кои лебдат во воздухот, се главни виновници за пренесување на корона вирусот. Според наодите на научниците, тоа главно се случува во затворен простор.

„Затоа што циркулацијата на воздух на отворено е многу поголема. Имате струење на ветрот, па така, многу брзо концентрацијата на аеросолите се разредува“, вели Нико Мутерс, шеф на Институтот за јавно здравје при Унивезитетската клиника во Бон.

Слично вели и вирусологот Александер Кекуле, но додава – тоа важи ако и на отворено се држи растојание од најмалку 1,5 метри. „Ако не го држите тоа растојание, се гледате лице во лице и гласно зборувате, пеете, викате, плукате – тогаш место со аеросоли, може да се заразите капковно“.

Студиите потврдуваат дека опасноста од зараза надвор е екстремно ниска. Едно истражување од Кина проучило 7.324 случаи на зараза – само во еден случај се работело за пренос на заразата на отворено. Кекуле вели дека истото важи и за мутациите на вирусот – тие се нешто позаразни, но мерките остануваат исти. „Мутантите не летаат подалеку“, вели вирусологот.

Како влијае ветрот?

„Што поветровито, тоа поскоро ќе бидат разбиени облаците аеросоли кои човекот ги произведува“, вели Герхард Шојц, физичар и истражувач на аеросоли. На прашањето ако на ливада престојуваат луѓе во различни групи дали е можно ветрот да ги однесе аеросолите од една до друга група, Шојц вели дека тоа е практично невозможно.

„Само поради телесната температура се ствара некој вид воздушна струја која главно, како крај камин, оди нагоре“, раскажува физичарот. Затоа што телесната температура од околу 37 степени Целзиусови е главно повисока од надворешната. „Со тоа, потоплиот воздух се качува горе, па и тој облак аеросоли“.

Една студија во Иран исто така, потврди дека ветрот не игра никаква улога во пренесување на вирусот.

Што кога надвор е топло, а што кога е студено?

Тоа до крај не е научно разјаснето. Американски истражувачи го следеле развојот на инфекцијата во топли, студени, суви и влажни предели на Кина – и не нашле никаква разлика. Една австралиска студија заклучила дека ултравиолетовото зрачење од Сонцето го убива вирусот, на некои површини, но тоа малку влијае на преносот на зараза на луѓето.

Мутерс вели дека на Сонцето не треба да се потпреме – има повеќе ултравиолетово зрачење во лето, но да речеме, во снежните предели тоа е уште поголемо заради рефлексијата од снегот. Освен тоа, тој укажува дека пандемијата еднакво ги погодува и топлите и стдените краишта.

Кекуле пак верува дека тоа ништо не кажува за самата срж на работите, затоа што претпоставува дека во топлите краишта луѓето масовно се заразуваат внатре.

„Токму таму повеќе престојуваат внатре на климатизирано и со вентилатори“, вели тој.

Има ли опасност од спортот?

Стручњаците велат дека и спортистите, при џогирање, треба да држат растојание од 1,5 метар покрај тоа што со физичкото оптоварување подлабоко дишат и исфрлаат повеќе честички во воздухот.

„Ако некој само протрча покрај вас, дури и на мало растојание, ризикот е многу низок“, вели Биргит Вехнер, истражувачка на аеросоли од Институтот Лајбниц.

Слично мисли и нејзиниот колега Герхард Шојц – и задишаните спортисти мора да стојат многу долго едни покрај други за да се пренесе заразата. Затоа тој не гледа проблем во групните спортови како фудбалот на пример.

„Но, проблемот настанува кога се користат соблекувалните или тоалетот. Тоа се опасни простории. Тие мора добро да се проветруваат“.

Како контроверза важи една холандска студија која минатата година покажала дека потребно е поголемо растојание меѓу спортистите. Велат, од велосипедист треба да стоите на 20 метри далечина. Критичарите нагласуваат дека таа студија е направена во аеро тунел, а не под реални услови.

Пасивно пушење

Сè уште ниту една студија не покажала дека пасивното пушење е со зголемен ризик од зараза со корона вирус. „Со пушењето не се исфрлаат повеќе вируси во околината“, вели Шојц. Ни, Нико Мутерс не гледа дека пушачите на кој било начин се позаразни.

Сепак, според Институтот „Роберт Кох“, пушачите имаат зголемен ризик од тежок облик на болеста ако се заразат. Но, по другите не се поопасни.

Има ли маската смисла ако сме на отворено?

Има, ако не може да се одржува растојание. Особено во поглем метеж, на концерти и слично.

„Или кога чекате на автобуска станица, во некој ред, тогаш има смисла“, вели Вехнер.